• вторник, 24 декември 2024

Учат во најстариот училиштен објект во Тетово, а единствени имаат 3Д-печатач што самите го обезбедија

Учат во најстариот училиштен објект во Тетово, а единствени имаат 3Д-печатач што самите го обезбедија
Скопје, 13 март 2022 (МИА) - Учат во зграда стара над 100 години, со услови за настава како пред 20-30 години, со кабинет по информатика во кој компјутерите се со процесори „пентиум 4“, кои не се произведуваат над десет години. Во ваква ситуација се наоѓаат учениците од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во наставата по македонски јазик, кои од друга страна самите си обезбедија нешто кое во ниту едно друго училиште во градот го нема, a тоа е 3Д-печатач. Група од четворица матуранти создадоа видеоигра настапувајќи на онлајн ИТ-натпревар, а како награда добија 3Д-печатач, што го донираа на училиштето, па сега сите гимназијалци ќе можат да го користат. Овие, но и други ученици од паралелките по македонски јазик кои настава следат во објектот познат како „Стара медицина“, се соочуваат со многубројни предизвици од инфраструктурен карактер, но на ваков начин – со нивните знаења и креативност се обидуваат да ги надминат препреките кон подобро образование. Така, благодарејќи на нивната креативност, самите успеваат да си го олеснат секојдневието во образовниот процес и предизвиците со кои со децении се соочува гимназијата и наставата по македонски јазик. Сега во најстарите училници во градот само тие имаат најсовремен апарат за 3Д-печатање – апарат за правење физички објект од тридимензионален дигитален модел, обично со поставување многу тенки слоеви материјал последователно. Нивните напредни знаења од компјутерска технологија сега се основа со овој апарат да создаваат разни предмети кои се употребуваат и во наставата. - Со 3Д-принтер изработивме маски за телефони, држачи за креди, беџови, лампиони за новогодишно украсување и разни други нешта. Испринтавме корисни работи за нашето училиште, а воедно ние треба да дадеме обука на соученици за да можат и тие да го користат во иднина. Организаторите на натпреварот, ИТ-академија и тренинг-центар кога дојдоа да ни го донесат 3Д-принтерот се зачудија кога видоа во какви услови имаме настава. Затоа ни дадоа филамент – материјал за создавање предмети преку 3Д-принтер и ни рекоа дека и во иднина ќе добиваме од нив, изјави Стефан Узунов, еден од четворицата гимназијалци програмери на видеоиграта. Филип Бојаровски, Петар Симовски и Димитар Ефремовски се останатите тројца, а во тимот кој ја создаде играта и победи учествувала и Ана Марија Тофиловска, поранешна гимназијалка, сега студентка. Наградата е освоена во ноември 2021 година. - Учествувавме во натпревар во дизајнирање видеоигра и освоивме прво место и награда на натпреварот „Game Design How To? 2021?" под организација на МЗДС-академијата во категоријата „People's Choice", односно гласови од публиката. Сето тоа благодарение на предметот кој го изучуваме Програмирање, со кој се стекнавме со нашите први основни знаења, изјави Филип Бојаровски. - Ние сами се пријавивме за дизајн на видеоигра, авантура и акција наречена Авантурите на витезот (Knight adventures). Имавме седум дена за правење на играта, по што следуваше гласање, изјави Димитар Ефремовски. - За дизајнирање на нашата игра ние ја искористивме програмата Унреал енџин (Unreal Engine), којашто работи со програмски јазик C++ (Це плус, плус ), но има и свој посебен систем на програмирање Блу принтс, изјави Петар Симовски. Овие ученици на 3 Март, Денот на Општина Тетово, на свечена седница добија признанија за истакнати личности од различни сфери во општеството, кои придонеле во развојот и афирмацијата на градот Тетово. Нивната професорка по информатика Лидија Ивановска објаснува дека и покрај ваквите услови ученици од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ често учествуваат на натпревари во областа на програмирањето и тие се успешни на тие претставувања на знаењата. Таа нагласува дека оваа гимназија има долга традиција кога станува збор за учество во натпревари од програмирањето, а учениците постојано постигнуваат голем успех на таквите натпревари, на што е особено горда како нивен ментор. - Постои голем интерес за програмирањето во нашата гимназија, како водечка дејност да речам. За нив е важно да ги совладаат овие вештини и понатаму многу од нив се запишуваат на факултети од областа на програмирањето. Наши ученици има вработено во големи компании како Гугл, ЦЕРН, професори на светски универзитети. Многу поттикнуваат ваквите натпревари да продолжат понатаму да се занимаваат со оваа дејност, изјави професорката Лидија Ивановска. Уште понов таков успех бележи Марија Исаиловска, која во јануари на онлајн светски натпревар Олимпијада Кодингал освои 28. место од 812 учесници. Таа како награда доби можност бесплатно да учествува во напреден курс по програмирање на еден од програмските јазици – Џава скрипт (Java Script). - Натпреварот се состоеше од 25 прашања за програмирање кои требаa да се решат на еден од програмските јазици C++, Phyton или C. Имаше три часа да се одговорат. Сакам да постигнувам искуство со вакви задачи од натпревари за да бидам подобро подготвена за на факултет. Имавме задача да направиме помала страна на Википедиjа каде, ако внесеме поим, ќе ни даде одреден број реченици за тој поим, да сумираме од Википедиjа. За Олимпијадата имаше различни проблеми, да се пресмета одреден број или да се испечати нешто, различно имаше 25 проблеми. Сега со помош на стипендија за Џава скрипт, каде што учам за Фронт енд како да изгледа надворешениот изглед на програмата, изјави Марија Исаиловска. Наставата по македонски јазик од 2001 година не се одвива во централниот објект, кој се наоѓа на улицата „Браќа Миладинови“. Во овие 21 година гимназијалците следеа настава во повеќе други објекти низ градот, како објектот на Работнички универзитет, па училници на основното училиште „Гоце Делчев“. Импровизирана настава имаше на плоштад и во салата на Советот на Општина Тетово. Поради несоодветни услови за настава, неколкупати се протестираше, а ветувањата на надлежните се дека ќе се гради дополнителен објект во рамките на централната гимназија. Од учебната 2017/2018 постојано гимназијалците се во овој објект познат како „Стара медицина“, инаку изграден 1912/1913 година. Во тоа време бил изграден за формирање гимназија, а повеќе децении од минатиот век беше објект каде функционираше средното медицинско училиште. Александар Самарџиев

Остани поврзан