• среда, 18 декември 2024

Уставниот суд домаќин на Регионална конференција на која ќе се промовира уставната жалба

Уставниот суд домаќин на Регионална конференција на која ќе се промовира уставната жалба

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - Уставниот суд денеска е домаќин на Регионална конференција на која ќе се дискутира за промовирање на уставната жалба како најзначајно средство за заштита на основните права во Република Северна Македонија.

Конференцијата, како што информираат од Уставен суд, се одржува со поддршка од германската фондација ИРЗ чии претставници ќе ја објават студијата за уставна жалба, којашто е изработена од експерти од Германија.

На конференцијата ќе присутвуваат претседатели и судии од уставните судови од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и професори/поранешни судии од германски судови.

На отворањето на конференцијата покрај претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија Добрила Кацарска, ќе се обратат и претседателот на државата Стево Пендаровски, министерот за правда Кренар Лога и  амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава Петра Дрекслер. 

Според агендата за „Потребата од воведување уставна тужба во Република Северна Македонија“ ќе говори претседателка на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска.

Потпретседателот на Уставниот суд на БиХ, Мирсад Ќеман и вишиот правен советник на Уставниот суд на БиХ, Фрањо Драгичевиќ ќе имаат обраќање на тема „ Историскиот развој на уставната жалба во Босна и Херцеговина, досегашни искуства и резултати од примената“, а за „Развојот на правната институција уставна жалба во Република Србија“ ќе зборува претседателката на српскиот Уставен суд, Снежана Марковиќ.

Судијата на Уставниот суд на Црна Гора, Десанка Лопичиќ  ќе го презентира Извештајот за уставната жалба и за искуствата во врска со практичната примена во Црна Гора, а за „Улогата на уставната жалба во правниот систем на Сојузна Република Германија. Презентирање на правните и организациските чекори неопходни за воведување на сéопфатна уставна жалба во Северна Македонија врз основа на правната состојба и фактичките околности“ ќе говори претседателот на Покраинскиот уставен суд на Саксонија-Анхалт и на Вишиот покраински суд Наумбург, во пензија, Винфрид Шуберт. дма/нд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан