• недела, 10 мај 2026

Минчев: Видлив напредок во реформата на јавната администрација и силна посветеност кон професионална и ефикасна администрација

Минчев: Видлив напредок во реформата на јавната администрација и силна посветеност кон професионална и ефикасна администрација

Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска се обратил на јавната расправа посветена на Нацрт-Годишниот извештај за 2025 година за имплементацијата на Акцискиот план од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, организирана од Министерството за јавна администрација.

Целта на јавната расправа, како што информираат од Министерството за јавна администрација, е да се презентира напредокот во спроведувањето на активностите во текот на 2025 година и да се овозможи отворена дискусија со институциите, граѓанскиот сектор и стручната јавност, со цел прибирање коментари, забелешки и предлози за понатамошно унапредување на реформскиот процес.

Во своето обраќање, министерот истакнал дека реформата на јавната администрација претставува клучен столб на доброто управување и важен предуслов за унапредување на институционалната ефикасност и квалитетот на јавните услуги.

-Ефикасната, транспарентна и одговорна администрација е темел на доброто управување, владеењето на правото и долгорочниот општествен развој. Нашата цел е јасна – да изградиме професионална, ефикасна, транспарентна и граѓански ориентирана администрација која ќе одговара на реалните потреби на граѓаните и деловната заедница - истакнал Минчев.

Тој посочил дека Министерството за јавна администрација континуирано работи на зајакнување на системот за управување со човечките ресурси во јавниот сектор и на воспоставување современа и професионална административна служба.

Министерот се осврнал на донесувањето на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, кој создава основа за формирање Академија за јавна администрација. Како што било истакнато, оваа институција ќе има значајна улога во континуираното унапредување на знаењата и вештините на јавните службеници и во зајакнувањето на професионалните капацитети на администрацијата.

Истовремено, Минчев нагласил дека Министерството работи на подобрување на координацијата и следењето на реформските процеси преку развојот на ИТ-алатка за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, со поддршка на ReSPA.

-Оваа алатка ни овозможува во реално време да го следиме напредокот на реформите, да идентификуваме предизвици и да обезбедиме поефикасна координација меѓу институциите - посочил министерот.

Било потенцирана и важноста на законското решение за високата раководна служба, кое воспоставува професионален и транспарентен систем за избор и управување со највисоките раководни позиции во институциите, со што се зајакнува ефикасноста и одговорноста во јавниот сектор.

-Последниот извештај на Европската комисија за 2025 година ја потврдува нашата посветеност и видливиот напредок во реформата на јавната администрација. Во споредба со претходните извештаи, јасно е дека напредокот во делот на реформата е видлив и конкретен - посочил министерот Минчев.

На јавната расправа, како што потенцираат од Министерството, било нагласено дека реформата на јавната администрација претставува еден од клучните приоритети во процесот на европската интеграција на Република Македонија.

Министерството за јавна администрација информираше дека Нацрт-Годишниот извештај за 2025 година е јавно достапен на системот Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР), со што се овозможува активно учество на сите засегнати страни во процесот на унапредување на јавните политики и реформата на јавната администрација. фф/вг/

Фото: Кабинет на министер за јавна администрација

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан