• сабота, 27 јули 2024

Усогласување на законите и адаптација на технологијата како предуслов за заштита на податоците

Усогласување на законите и адаптација на технологијата како предуслов за заштита на податоците

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Усогласување на законите, следење на развојот на технологијата, нормативна одговорност и подигнувањето на јавната свест беа во фокусот на денешниот настан „Зајакнување на судството и заштита на младите во дигиталната ера“ во организација на Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во воведното обраќања на настанот истакна дека целта е да се подигне свеста за предизвиците од заштита на податоците и да се информираат луѓето за нивните права и како да ги употребуваат.

- Заштитата на податоци не е само апстрактен легален концепт, тоа е фундаментално право, основа на нашето демократски општество. Законите мора да ја следат и да се адаптираат на технологијата, како дел од нашата посветеност да се создаде правен систем кој што е во најдобар интерес за граѓаните, рече тој.

Во врска со Извештајот на ЕУ за напредокот на земјава потенцираше дека е нотиран добар прогрес во врска со заштитата на податоци, а како недостатоци ги посочи тренингот на јавните службеници како и подигнувањето на јавната свест за важноста на ова прашање.

Според Имер Алиу, директор на Агенција за заштита на личните податоци, имаме сериозен проблем во делот на усогласување, имајќи предвид, како што рече, дека во државата треба да се усогласат повеќе стотици закони со Законот за заштита на лични податоци.

-Тој процес никако не се движи. Ние се обидуваме да сме во контакт со владата, тие имаат слух за оваа потреба, дека треба да го реализираме, но, за жал, тоа не се случува. Очекувам во иднина да се посвети многу поголемо внимание на ова, рече тој.

Како друга прека го посочи непостапувањето, односно порача да се зајакнат капацитетите на судството и јавните обвинители во однос на правото на заштита на личните податоци.

Тој информираше дека се подготвува нова стратегија во полето на заштита на лични податоци во која ќе бидат антиципирани и предизвиците кои ги носи дигиталното општество.

Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академија за судии и јавни обвинители, посочи дека е потребно активно следење на развојот на технологијата, од една страна, и нормативна одговорност од друга страна.

- Од една страна самите држави треба да имаат таков правен одговор, од друга страна е проблем како на меѓународно ниво да се наметне некоја регулатива која ќе ги ограничи овие негативни трендови. Нашата држава не заостанува во тој поглед бидејќи имаме Закон за заштита на лични податоци од 2020 година, рече таа.

Според неа, потребно е да ја подигнеме свеста на правните професионалци, а тоа, како што дополни, го прават во рамките на академијата. 

- Ние тоа го работиме во рамки на темите на академијата. Но, мора да се работи уште повеќе бидејќи оваа тема е доста широка и опфаќа различни аспекти за кои мора да се даде соодветна обука, рече таа.

Лидија Стојкова Зафировска, претседателка на извршниот одбор на Центар за правни истражувања и анализи, истакна дека е важно оваа тема да се разгледува од аспект на личноста.

- Секој човек заслужува да му се гарантирани некои вакви фундаментални права. Само така ќе направиме цврст систем кој ќе одговори на овие проблеми, рече таа.

Претседателката на Македонско здружение на млади правници, Александра Цветановска, сподели дека се фокусирани на зголемувањето на вештините и знаењето и истакна дека само со заедничка соработка помеѓу граѓанските организации и институциите ќе може да се работи на подобрување на состојбата.

Во вториот дел од настанот се предвидени две панел дискусии посветени на зајакнување на судството и заштита на младите.

Настанот се организира по повод 28 јануари, Европски ден за заштита на личните податоци. На овој датум се одбележува
годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, првиот правно обврзувачки меѓународен документ во областа на заштитата на личните податоците, а овој датум е одбележуван секоја година од сите земји членки на Советот на Европа, како и од институциите на ЕУ. ар/ац/

Фото: МИА

Видео: Центарот за правни истражувања и анализи

Остани поврзан