• недела, 22 декември 2024

Украинскиот пратеник за човекови права апелираше за побрзо враќање на децата депортирани од Русија

Украинскиот пратеник за човекови права апелираше за побрзо враќање на децата депортирани од Русија

Киев, 9 декември 2023 (МИА) - Украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец изрази надеж дека коалицијата на земји формирана за да го олесни враќањето на украинските деца нелегално депортирани од Русија ќе може да излезе со побрз механизам за нивна репатријација.

Се верува дека повеќе од 19.000 деца се во Русија или во окупираните региони на Украина.

По првиот состанок на Националната коалиција на земји за враќање на украинските деца, формирана по препорака на Канада, Лубинец им изјави на новинарите дека Русија продолжува да ги депортира украинските деца на териториите што ги контролира.

Лубинец рече дека првиот состанок на коалицијата дал „многу позитивни резултати“, но апелираше за „конкретни механизми за враќање на украинските деца“.

Тоа значи изнаоѓање механизам за идентификување на украинските деца кои ги држи Русија, процес на враќање и финансиска поддршка и помош кога ќе се вратат на украинска територија, додаде тој.

Претходно оваа година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на претседателот Владимир Путин и комесарката за правата на децата Марија Лвова-Белова заради незаконско депортирање на украински деца на територија под контрола на Русија.

Руските власти тврдат дека не ги депортираат украинските деца, туку ги евакуираат за да ги заштитат од војната. ссм/

фото: архива

Остани поврзан