• среда, 24 април 2024

Украина и Полска се поблиску до компромис за барањата на земјоделците и шпедитерите

Украина и Полска се поблиску до компромис за барањата на земјоделците и шпедитерите

Варшава, 28 март 2024 (МИА) – Премиерите на Украина и на Полска, Денис Шмихл и Доналд Туск на денешниот меѓувладин состанок постигнаа напредок за решавање на прашањата за извоз на украинските земјоделски производи и условите за шпедитерите, со што би престанале блокадите на границата.

- Се договоривме да спроведеме решенија кои добро функционираат меѓу Украина и Романија и Бугарија. Најважно е да се договориме за мерките, изјави Туск.

Тој додаде дека е блиску решението за тоа колку украински земјоделски производи ќе можат да одат во Полска и во ЕУ, како и договор со кој ќе се регулира транзитот на украинскиот извоз со претовар до бродовите во пристаништата на Балтичко Море.

- Се чини дека сме на чекор до тоа руските и белоруските производи да бидат оптоварени со царини од 50 проценти. Ова не е само од морална важност, туку и важно за производителите во Полска и Украина. Во случајот со шпедитерите, решението е украинските и полските камиони да бидат на исто ниво за да бидат фер конкуренција еден на друг, посочи Туск.

Шмихал истакна дека Украина успеала да воспостави премин на жито низ коридорот на Црно Море и дека за четири чувствителни земјоделски извозни производи, како пченка и жито, не издава дозволи за извоз во Полска додека не се постигне договор со полската страна.

Украинската Влада предложи и заедничка контрола на артиклите на граничните премини како мерка и побара од полските власти да го додадат горивото на списокот на стоки што не смеат да бидат блокирани на границата, заедно со хуманитарна помош и испорака на оружје.

Полските земјоделци подолг период ги блокираат граничните премини со Украина не дозволувајќи им на товарните возила од Украина да влезат во Полска.

Во Полска и во други европски земји подолг период земјоделците протестираат поради законот на Европска Унија за заштита на животната средина и нелојалната конкуренција од Украина, бидејќи ЕУ во 2022 година ги укина царините за увоз од Украина. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан