• недела, 22 декември 2024

Мицотакис преку Тик Ток ги повикува заинтересираните граѓани да се пријават за поштенско гласање на евроизборите

Мицотакис преку Тик Ток ги повикува заинтересираните граѓани да се пријават за поштенско гласање на евроизборите

Атина, 24 април 2024 (МИА) – Преку видео на платформата Тик Ток, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги повикува сите заинтересирани граѓани да се пријават за поштенско гласање за претстојните европски избори на 9 јуни, за како што вели, да гласаат од каде сакаат, без да биде потребно да посетат гласачко место, но и да заштедат време и пари, јави дописничката на МИА од Атина.

-Ако имате сезонска работа, ако студирате во друг град или полагате испити, ако ви е тешко да патувате или едноставно ако сакате да одите на плажа на 9 јуни, обрнете внимание. Имате рок до понеделник, 29 април, да ја поднесете вашата апликација на платформата за да гласате по пошта од каде сакате, порачува Мицотакис.

Објаснува дека гласањето по пошта не се однесува само на Грците кои живеат во странство, туку на сите грчки државјани, и за првпат во историјата на земјата, „се олеснува учеството на граѓаните на изборите“.

-Веќе имаме над 115.000 пријави и ова е многу важно бидејќи секогаш кога учествувате во изборен процес, без разлика која партија ја поддржувате, на крајот ја поддржувате самата демократија. Апстиненцијата не е одговор. Сега имате уште една причина повеќе и еден полесен начин да учествувате на изборите, вели грчкиот премиер завршувајќи го видеото на Тик Ток.

Поштенското гласање на крајот на јануари беше изгласано од Парламентот, ќе важи само за европски избори и референдуми, за првпат се воведува во Грција и се однесува на сите грчки граѓани, запишани во избирачките списоци и сакаат да го остварат своето право на глас по пошта, без разлика дали живеат во Грција или во странство.

Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта. 

Платформата за пријавување за поштенско гласање беше отворена на средината на февруари, а избирачкиот материјал ќе биде испратен до гласачите на нивната адреса, кои откако ќе гласаат, ќе треба гласачките ливчиња да ги испратат најдоцна до сабота 8 јуни, односно денот пред изборите. 

Ковертот со гласачкиот материјал од Министерството за внатрешни работи ќе биде испратен до гласачите најдоцна до 15 дена пред изборите и ќе содржи коверт, гласачко ливче, упатства и сл. ср/сд/

Остани поврзан