• четврток, 11 јули 2024

„Тука, но некаде другаде“ - изложба во галерија „Шкуц“ во Љубљана

„Тука, но некаде другаде“ - изложба во галерија „Шкуц“ во Љубљана

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Во галеријата „Шкуц“ во Љубљана вечер ќе биде отворена изложбата „Тука, но некаде другаде“ (Here, but somewhere else). Изложбата се реализира како соработка меѓу организација за промоција на женската активност Тиииит! Инк. од Скопје и галеријата „Шкуц“ во Љубљана. Изложбата е во склоп на единаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, појаснуваат од Тиииит! Инк.

Изложбата „Тука, но некаде другаде“, ги истражува универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни. Прикажува дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ, како што се појаснува, ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние кои ги минуваат границите.

- Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадноста - без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Замислено како долгорочна иницијатива, „Тука, но некаде другаде“ нè предизвикува да мислиме на луѓе, наместо на географии, да ги замениме омразата и стравот со солидарноста. Наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже нешто, таа го свртува погледот кон промената, како се стигнува до неа и како таа влијае на нас и нашите заедници. Кураторка на изложбата е Јана Старделова, додаваат од Тиииит! Инк. бд/са/

Фото: Тиииит! Инк.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан