• петок, 10 мај 2024

Тркалезна маса за пријавување и управување со подароци за функционерите

Тркалезна маса за пријавување и управување со подароци за функционерите

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - Во Скопје денеска се одржува тркалезна маса, насловена „Пријавување и управување со примени дарови и други погодности: каде сме и што треба да направиме?“. Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска вели дека токму ова е едно од прашањата, со кое се градат механизми за отчетност и за што треба да се воведат конкретни регулативи за минимизирање на надворешните влијанија врз одлучувањето на централно ниво. 

Грковска во изјава за медиумите рече дека како Кабинет секогаш зборуваат за интегритетот како лична вредност, „што секој од нас треба да ја има и да се раководи по тоа кога ја обавува својата позиција или функција, без разлика дали е функционер, дали е вработен во администрација, во приватна фирма“.

- Меѓутоа во денешниот свет на функционирање и комуникација, испреплетеност помеѓу политиката и бизнисот, постојат повеќе предизвици за тоа како функционирањето помеѓу овие два света можело да придонесе за влијание при носење на одредени политички одлуки. Затоа и Советот на Европа и Европската Унија воведе строги принципи кога станува збор за доделување на подароци. На пример, комесарите не смеат да примат подарок поголем од 150 евра. Доколку тоа се случи, тогаш имаат обврска да го пријават во Канцеларијата за протокол, кој води регистар за тоа кој го добил подарокот и за тоа кој го подарил, појасни Грковска. 

Ние како држава, додаде, исто така имаме обврска да ја регулираме оваа материја, „уште повеќе не само заради препораките на Европската Унија, препораките од ГРЕКО, се во насока во тоа дека треба да има строго утврдени правила за да се избегне, во наводници, пријателството помеѓу политичарите и бизнисмените и на тој начин да влијае на одредени одлуки и интереси што би можеле да бидат во насока на фаворизирање на страна официјалните барања“.

- Ние како кабинет до Влада предложивме пред извесно време предлог на регулирање на примањето подароци, се отвори една прилично опширна дискусија, заклучокот беше дека треба да видиме како е тоа регулирано во земјите членки на Европската Унија, за да можеме да видиме кој би бил најдобриот модел за кај нас, да бидеме усогласени и токму заради тоа, произлезе оваа соработка со ИФЕС за да добиеме анализа и врз основа на таа анализа потоа да предложиме мерки што ќе се однесуваат за кај нас, додаде Грковска.

На новинарско прашање дали имаат сознанија колку се највисоките подароци, пријавил ли подарок некој функционер кај нас, таа одговори дека нема таква информација.

- Интегритетот како вредност, особено во контекст на политиката и вршењето функции во име на граѓаните, е веројатно најважниот превентивен механизам кога станува збор за справување со корупцијата. Но, иако интегритетот пред сè се заснова на самата структура на една личност и на нејзиниот внатрешен компас за етичко постапување и однесување, сложеноста на светот во кој живееме и мноштвото релации и разновидни интереси кои се дел од политичкиот пејзаж, ја наметнуваат потребата од јасно регулирање на одредени прашања. Токму во таа насока, регулирањето на подароците што ги добиваат функционерите е едно парче од таа голема сложувалка, а правилата за прифаќање и известување за подароци се наменети да се избегнат ситуации кои би можеле да го загрозат интегритетот и да создадат простор за влијание од страна на разни интересни групи и поединци, рече Грковска.

Таа напомена дек во изминатите неколку години се става посебен акцент на ова прашање, што доведе до тоа значителен број земји-членки на Советот на Европа да усвојат соодветни правила, насочени кон регулирање на прифаќањето и известувањето за подароците.

- Како пример, сметам дека е важно да се напомене дека на ниво на Европската унија, Кодексот на однесување сега бара од комесарите да ја задржат својата независност од која било национална влада и друго тело и конкретно ги ограничува нивните надворешни активности. Оттука, комесарите на ЕУ не смеат да прифатат подарок со вредност поголема од 150 евра, а доколку се случи такво нешто, обврзани се да го предадат на одделот за протокол. Секторот за протокол на Комисијата води јавен регистар на предадените подароци, заедно со идентитетот на донаторот. Специфични укажувања и препораки на оваа тема формулира ГРЕКО-Групата на држави против корупција на Советот на Европа. Во својот 5. круг на Извештајот за евалуација, ГРЕКО ги испита антикорупциските мерки применливи за извршната власт на централно ниво. Во евалуацијата за Северна Македонија, ГРЕКО препорача „да се поедностават постојните правила за прифаќање подароци од лица на кои им се доверени врвни извршни функции и да се обезбедат совети за управување со такви ситуации“, кажа Грковска во обраќањето на почетокот на Конференцијата.

Подоцна, додаде, ГРЕКО ја нагласи потребата за целосно спроведување на таа препорака.

- Во својот Извештај за општа активност за 2020 година, беше повторена важноста од воспоставување строги ограничувања во однос на подароците и другите бенефиции и беше истакнат ризикот од размена на „поволности“ во ситуации каде што има прекумерно, во наводници кажано „пријателство“ меѓу политичарите и деловната заедница, рече Грковска.

Со поддршка на ИФЕС, таа информираше дека биле ангажирани меѓународни експерти, кои развиле неопходна споредбена студија, со која се добило увид во меѓународните практики за правилата и процедурите во врска со прифаќањето и пријавувањето подароци од страна на лица на највисоки извршни функции - вклучително и премиерот, министрите, замениците министри, државните секретари и лица избрани и именувани од страна на Владата.

- Оваа компаративна студија и дизајнирањето специфични мерки и процедури се дел од спектарот на активности за борба против корупцијата, а особено во делот на јакнење на интегритетот при извршувањето на јавните функции. Главната цел која ја имаме пред себе, е, да ги унапредуваме надзорните механизми, кои ја спречуваат корупцијата и ја подобруваат транспарентноста во системот на управување во земјата. А токму ова е едно од прашањата, со кое се градат механизми за отчетност и се воведуваат конкретни регулативи за минимизирање на надворешните влијанија врз одлучувањето на централно ниво. Очекувам денешниот увид во меѓународните практики за правилата и процедурите во врска со прифаќањето и пријавувањето подароци јасно да ни покаже кои искуства се најсоодветни за да ги преточиме во домашна регулатива, децидна беше Грковска.

Таа рече и дека справувањето со корупцијата е комплексно прашање, кое бара посветеност и упорност од сите надлежни институции, но, „мора да имаме предвид дека секој чекор во таа насока, секое подобрување на постојните механизми и секоја зајакната антикорупциска практика се важни и одлучувачки за да се направи покрупен исчекор кон пошироката позитивна промена, која сите ја посакуваме и на која секојдневно работиме“.

Директорката на Меѓународната фондација за изборни системи, Јоана Косма ѝ се заблагодари на Грковска што ја води оваа „многу важна дискусија што се однесува на прифаќањето и известувањето за дарови“.

- Меѓународната фондација за изборни системи е среќна што може да организира и да поддржи вакви напори, посочи Косма меѓу другото. 

Фото: МИА

Остани поврзан