Трипуновски: Подготвуваме нова стратегија која ќе значи предвидливост на земјоделското производство
- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски изјави дека неделава за време на дводневниот македонско-унгарски владин самит во Будимпешта имал исклучително важна и продуктивна средба со неговиот колега, унгарскиот министер за земјоделство и рурален развој, Иштван Наги, на која е договорено обновување и проширување на соработката и во делот на науката.

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски изјави дека неделава за време на дводневниот македонско-унгарски владин самит во Будимпешта имал исклучително важна и продуктивна средба со неговиот колега, унгарскиот министер за земјоделство и рурален развој, Иштван Наги, на која е договорено обновување и проширување на соработката и во делот на науката.
-Разговаравме за предизвиците со кои што се соочуваме како министри во делот на земјоделството, пред се за климатските промени. Она што е важно и што сакам да го истакнам е дека договоривме поблиска соработка помеѓу двете Министерства, ќе го реобновиме Меморандумот за соработка. Во Меморандумот ќе ги дефинираме приоритетите на соработка помеѓу двете Министерства, ќе се прошири и во делот на науката, појасни министерот Трипуновски во гостување на „Тема на денот“ на Сител.
Тој најави дека сето тоа ќе биде заокружиме на првата официјална посета која министерот Наги ќе ја направи во мај, годинава.
-Преку оваа соработка ќе може да се промовираат и пласираат македонските производи на унгарскиот пазар. На добар пат сме да покажеме дека преку блиска соработка, одлична комуникација може да се постигнат врвни достигнувања во делот на земјоделството, истакна Трипуновски.
Прашан за тоа дали земјава има стратегија за развој на земјоделството со која ќе се овозможи да не биде увозно - зависна за храна, ресорниот министер кажа дека она што Министерството го има во моментов тоа е среднорочна стратегија, која во моментов е предмет на анализа, односно се прави пресек на резултатите од таа стратегија, а резултатите се вели, поразителни.
-Субвенциите кои што ги имаме воведено уште во 2007 година, последниве неколку години заради задоцнетото применување односно исплаќање заради лоши мерки кои што се проектирани имаме стратегија која има недоволен или никаков ефект, односно има негативен тренд во делот на земјодлеското производство. Затоа ние како Министерство правиме анализа и изготвуваме нова стратегија која ќе значи предвидливост на земјоделското производство. Довербата на земјоделците кон Министерството и отворената врата кон сите чинители во секоторот е доволен показател дека сме на вистинскиот пат за зголемување на продукцијата на земјоделско производство. Враќање на довербата кај земјоделците значи зголемен број на земјоделци и зголемена проудкција, а инвестициите во водостопанството значи сигурен пласман, односно производство по квантитен што влијае и на семејните буџети, вели министерот Трипуновски.
Во моментов рече тој, како Влада и Министерство фокусирани се на тоа да запре негативниот тренд во производството и тоа да се зголеми кај основните култури, и кај сточарското производство и кај градинарските и полјоделските култури, а потоа ќе се посветат на враќање на подзаборавените култури на македонските ниви како сончоглед, маслодајна репка, афион и памук.
-Да, јас сум оптимист и сметам дека има потенцијал да се вратат, меѓутоа клучот е да ја запреме миграцијата од руралните средини, да иницираме свежа работна сила, односно млади земјоделци кои ќе ја продолжат традицијата на земјоделското производство, а тоа се прави со вистинска грижа за оваа категорија граѓани кои треба да уживаат посебен респект, бидејќи ја хранат нацијата, нагласи Трипуновски. вг/нд/
Фото: МЗШВ