Трипуновски од Струмица: Не сакаме да донесеме ниту еден акт што нема да биде претходно усогласен со сите кои учествуваат во производниот процес
- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во изјава за медиуми во Струмица истакна дека првпат се одржува состанок на потсекторската група за градинарство надвор од просториите на Министерството, на кој се разговарало за претстојната произвоидствена сезона.
![Трипуновски од Струмица: Не сакаме да донесеме ниту еден акт што нема да биде претходно усогласен со сите кои учествуваат во производниот процес](https://mia.mk/images/20250210152919_big_730x400_38.webp )
Струмица, 10 февруари 2025 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во изјава за медиуми во Струмица истакна дека првпат се одржува состанок на потсекторската група за градинарство надвор од просториите на Министерството, на кој се разговарало за претстојната произвоидствена сезона.
- Денеска на иста маса ќе бидат земјоделците, преработувачите и дел од фелата кои што се во секторот. Ќе дискутираме за она што значи активности во наредниот период, дали тоа ќе биде во делот на пролетната зелка, дали ќе биде за целата производна година, појасни министерот Трипуновски.
Тој посочи дека Министерството веќе работи и во делот на уредувањето на откупот и пласманот на земјоделските производи.
-Не сакаме да донесеме ниту еден акт кој што нема да биде претходно усогласен со сите кои што учествуваат во производниот процес, бидејќи Министерството постои во интерес на решавање на предизвиците, решавање на проблемите и работи долгорочно да се одржи производството, додаде министерот Трипуновски.
Тој истакна дека се размислува на модификација на системот во делот на регистрација на откупувачи во Македонија и дека тоа нема да се направи без консултација со секторот.
-Во денешниот разговор една од темите ќе биде и модификација на овој систем, како да се доуреди процесот на пласман на земјоделските производи. Во фаза сме во носење на новиот Закон за земјоделство и рурален развој кој што е база на земјоделското производство. Таму ќе се дефинираат многу правила на игра во делот на производство, пласман, исплата на земјоделските производи, загарантирана производна цена која што треба да биде за повеќето важни земјоделски производи. Овој закон се очекува до средината на годината ќе биде ефективен, и ќе значи долгорочно одржливо земјоделско производство, појасни министерот.
Трипуновски посочи дека преку разговор на вакви средби ќе се стабилизира земјоделскиот сектор.рт/цр
Фото: МЗШВ