• сабота, 23 ноември 2024

Трибина за младите автори на македонската книжевна сцена

Трибина за младите автори на македонската книжевна сцена
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) – „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“, беше насловена трибината што денеска ја организираше Културно-информативниот центар – Скопје, по повод 10 години од објавувањето на „Ветерот носи убаво време“ – антологија на најмладата македонска поезија и проза. Антологијата содржеше поетски и прозни творби на 35 млади автори, кои во 2012 имаа од 20 до 30 години и најголем дел произлезени од Филолошкиот факултет на УКИМ. Некои од нив беа дебитанти, а денес го освојуваат македонскиот книжевен простор. Трибината отвори повеќе прашања, меѓу кои и дали оттогаш се случила промена во рецепцијата на читателите за современата македонска книжевност и дали се појавија нови генерации со истиот творечки ентузијазам. Професорката Весна Мојсова-Чепишевска, која заедно со поетот Иван Антоновски пред една деценија ја приреди антологијата симболично именувана по стихозбирка на Ацо Шопов, истакна дека ја организирале трибината за да се види „дали дува некој нов ветер“ и дали „новата македонска книжевна пролет може да биде претставена преку нова антологија“. -Во таа 2012 успеваме на едно место да собереме една убава енергија и сега, по десет години, сакаме да видиме каде се тие 35 тогашни млади фиданки, како што ги викавме. Добар дел од нив добро се развиле и се етаблирани имиња, познати, преведувани, доста наградувани. Секако, некои од нив и се изгубија, отидоа во некои други води или, пак, пишувањето не им е единствена провокација или егзистенција. Некои од нив прераснаа во сериозни издавачки куќи и промотори на нови книжевни фестивали. Сега имаме пет-шест нови имиња, исто толку млади како што тогаш беа овие во антологијата и треба да видиме дали носи некој нов ветер оваа генерација, родени на крајот на 20-тиот, а го освојуваат 21 век. Можеби е време за некоја нова антологија, рече Мојсова-Чепишевска. Иван Антоновски, кој со неа ја приреди антологијата и беше застапен во изданието што пред десет години го објави „Матица македонска“, истакна дека со продорот на неговата генерација творци се случила нова развојна етапа на современата македонска литература – и во поезијата, и во прозата. -Пред десет години забележавме дека она што е заедничка точка за сите тие автори е насоченоста кон враќањето на јас и на стварноста во книжевниот текст односно напуштање на дотогашната задушеност од постмодернистичките техники... Со оваа развојна етапа се случи пресврт со тоа што македонскиот автор стана повидлив и за странската читателска публика – се случија нови преводи и присуство на македонската книжевност надвор од нашиот простор токму преку поетиката на овие автори како еден нов бран. Целта на таа антологија беше да придонесе во оформување на една книжевна сцена во вистинска смисла токму преку продорот на тие, тогаш нови и млади гласови. Покрај  тоа, стоеше и идејата дека треба да се излезе од сенката на живите книжевни споменици, рече Антоновски. Според писателката Јулијана Величковска, која е меѓу 35-те автори во антологијата, многу нешта се поразлични денес на книжевната сцена кај нас во споредба од пред десет години кога, како што рече, беше „во поприлично лоша состојба угледот на македонскиот автор“. -Не само што сум дел од една генерација која сакаше да смени нешто на подобро и се активираше, некогаш дури и со инает и со глава во ѕид да ги подобри состојбите. Како некој кој имаше своја книжарница, знам колку ретко се купуваа книги од домашните автори. Како генерација и покрај тоа што самите се трудевме да ги подобриме нештата, имавме среќа да се најдеме во подобри околности – самиот факт што имавме пристап до интернет и што се отворија некои алтернативни простори на кои можеме да го покажеме тоа што го умееме, нашето творештво преку настани и читања, сето тоа придонесе да имаме една плодна генерација автори кои не се само писатели на свои лични трудови, туку дел од нив сме и преведувачи, издавачи и организатори на книжевни фестивали, изјави Величковска. Таа работи со млади автори, објавува нивни дела и, рече, особено е задоволна од нивниот ентузијазам и сериозниот пристап кон тоа што го работат. -За тоа сведочи и Скопскиот поетски фестивал што го организиравме пред неколку месеци, на кој имаше бројни млади луѓе – и учесници, и во публиката. Очекувам дека генерацијата што доаѓа по нас ќе направи многу повеќе од она што успеавме да го направиме ние, додаде Величковска. Жарко Кујунџиски истакна дека антологијата  од 2012 од самиот почеток била добро пречекана и со серија промоции, а тоа што веќе долго време не може да се најде зборува колку била успешна и значајна. -Таа опфати генерација луѓе кои низ годините помал дел престанаа да создаваат, но поголем дел од нив формираа еден столб на македонската литература, ако не и повеќе од тоа, зашто дел од нив станаа интелектуалци, влијателни личности, луѓе кои се произнесуваат со свои ставови и размисли во медиумите на повеќе теми, истакна Кујунџиски. По десет години подоцна, рече, може да се согледа значјаноста на таа антологија, но и да се иницира некоја нова во која би биле опфатени генерацијата од следната декада. -Во овие десетина години мислам дека излегоа двојно повеќе автори, особено во поезијата, но и во прозата, и тој што би ја создавал таа антологија навистина би имал полни раце работа. Многу повеќе се демократизираше пазарот, се создадоа издавачки куќи кои се заинтересирани за  македонска литература, што не беше така пред 10-15 години, има поголем број награди и сето тоа придонесе интересот и бројот на автори да се зголеми и да бидат сѐ помотивирани да создаваат, додаде Кујунџиски. хс/са/                

Остани поврзан