• недела, 24 ноември 2024

Трамп за израелски весник: Израел мора да ја запре војната во Газа бидејќи ја губи поддршката

Трамп за израелски весник: Израел мора да ја запре војната во Газа бидејќи ја губи поддршката

Вашингтон, 25 март 2024 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во интервју за весникот „Израел Хајом“ (Израел денес) изјави дека земјата мора да ја запре војната во Газа бидејќи ја губи поддршката во светот.

Изјавата на Трамп дојде на денот кога Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Појасот Газа, при што САД, главниот сојузник на Израел, беа воздржани.

„Мораме да ја завршиме војната. Мораме да ја прекинеме. И ќе кажам дека Израел мора да биде многу внимателен бидејќи губи голема поддршка од светот, мора да завршиме, мора да ја завршиме работата“, рече Трамп, според делумниот транскрипт од интервјуто за весникот „Израел Хајом“, пренесува Бета.

Трамп често се прикажува себеси како верен сојузник на Израел и потсетува на неговата одлука да ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим и на улогата на неговата администрација во преговорите за договори за нормализирање на односите меѓу Израел и четири арапски земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.

Запрашан како би одговорил на напад на Хамас, Трамп рече дека би постапил многу слично како Израел, но изрази загриженост поради визуелниот приказ на војната во која израелските напади оставија голем дел од Појасот Газа во урнатини. ссм/

фото: архива

Остани поврзан