• понеделник, 13 мај 2024

Тетовскиот градоначалник одржа средба со граѓани за наоѓање решенија за проблематичните комунални сметки

Тетовскиот градоначалник одржа средба со граѓани за наоѓање решенија за проблематичните комунални сметки

Тетово, 5 април 2024 (МИА) - Градоначалникот на Тетово Биљал Касами и општински функционери одржаа средба со граѓаните со цел надминување на проблемите со комуналните сметки. Главната забелешка на граѓаните е тоа што се наплаќа за собирање смет по метар квадратен.

- Квадратите не прават ѓубре, прават живите луѓе. Некој има голема куќа која му останала наследство, а во неа живеат двајца. Некаде живеат 12 луѓе и треба да платат повеќе, истакна жител на Тетово.

Граѓаните на средбата реагираа за депониите и побараа да се зголеми чистотата. - Градот се чистеше со цистерни. Јас сум за да платиме, ама не сум задоволен како се чисти, реагираше жител на Тетово.

Иако во понеделникот Касами најави, сè уште нема канцеларија во зградата на Општина Тетово каде може да се поднесат претставки и пријави за неправилности во комуналните сметки.

Градоначалникот Касами изјави дека еден по еден ги ислушал граѓаните дојдени во салата на Советот.

- Во делот на сопствености на граѓани имаше поплаки, нереални површини за живеење. Катастарот не е ажуриран. Од понеделеник во Општина Тетово и во ЈКП Тетово ќе има шалтери, освен во Палчиште да ги пријават и проблемите, повторно најави Касами.

Тој потсети дека ќе има фиксни цени за вода до крај на годината до кога очекува да се постават и водомери за реално да се плаќа потрошувачката на вода. Методологија за собирање смет по метар квадратен во домаќинство нема да се менува.

- Таа методологија е и во другите градови, не го измисливме ние. Иако не е најисправно, сигурно е по праведно затоа се претпоставува дека тие што имаат повеќе простор за живеење да се побогати. Ако се побогати треба да создаваат и повеќе отпад. Свесни сме дека тоа не е најисправно. Но има и во 100 квадрати 10 луѓе. Вака побогати ќе плаќаат повеќе, смета Касами.

Тој апелираше граѓаните да ги плаќаат сметките, затоa што ниската наплата ги остава вработените во комуналните претпријатија без плата.

Сметките за февруари почна да ги издава фирмата Заубермахер, која преку јавно-приватно партнерство го презеде управувањето со отпадот за Општина Тетово. ас/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан