Тајани: Израелското бомбардирање на Појасот Газа мора да запре
- Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денеска пред пратениците во Рим изјави дека израелското бомбардирање на Појасот Газа мора да престане и оти идејата за протерување на Палестинците од територијата е неприфатлива.
Рим, 28 мај 2025 (МИА) – Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денеска пред пратениците во Рим изјави дека израелското бомбардирање на Појасот Газа мора да престане и оти идејата за протерување на Палестинците од територијата е неприфатлива.
Оценувајќи дека израелскиот одговор на нападот на Хамас добива „апсолутно драматични и неприфатливи форми“, Тајани рече дека „бомбардирањето мора да запре“ и оти „протерувањето на Палестинците од Газа никогаш нема да биде прифатлива опција“.
- Жителите на Појасот Газа предолго плаќаат превисока цена, особено децата, жените, старите и болните, рече Тајани.
Признавајќи дека „одговорот на израелската влада на бесмислениот терористички напад бил легитимен“, Тајани повтори дека „хуманитарната помош мора да продолжи што е можно поскоро и оти мора да се почитува меѓународното хуманитарно право“.
Шефот на италијанската дипломатија повторно апелираше за „итно ослободување“ на сите заложници кои ги држи Хамас. јт/
Фото: ЕПА