• четврток, 25 јули 2024

Судскиот совет ја повика Адеми на работна средба за наводите за политички притисоци врз судиите во највисокиот суд

Судскиот совет ја повика Адеми на работна средба за наводите за политички притисоци врз судиите во највисокиот суд

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Судскиот совет информира дека испратил писмена покана до Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, во која се повикува на работна средба со членовите на Советот, за, како што се посочува, последните случувања и објавени написи во медиумите за политички притисоци врз судиите во највисокиот суд.

Од Судскиот совет, посочуваат дека како тело кое согласно законот има обврска во смисла на член 2 од Законот за судскиот совет да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, како и во врска со член 11 од истиот закон, кој го гарантира слободното судиско одлучување без никакви влијанија и притисоци.

- Во последните неколку дена во медиумите се објавени повеќе написи за  политички притисоци врз судиите на Врховниот суд, реакции на политички партии, како и интервјуто на претседателката на овој суд, Беса Адеми, сметаме дека  е неопходно да ја информираме јавноста дека евентуалното вршење на притисоци од  каков било вид судиите, е недозволиво и крајно загрижувачко, посочуваат од Судскиот совет.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, се вели во соопштението, изутрината остварил телефонски разговор со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми заради остварување работна средба со членовите на  Советот, заради, како што се посочува „ова исклучително важно и сензитивно прашање“.

По тој повод е испратена и писмена покана до Адеми, во која се повикува на работна средба в понеделник, на 06.11 2023 година во 11 часот во  просториите на Судскиот совет, информираат од Судскиот совет. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан