• понеделник, 23 декември 2024

Адеми: Извештајот на ЕУ за владеење на правото е големо охрабрување за Врховен суд 

Адеми: Извештајот на ЕУ за владеење на правото е големо охрабрување за Врховен суд 

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Извештајот на Европската Унија за владеењето на правото во делот за Врховниот суд претставува големо охрабрување и мотив да се продолжи со заложбите, кои Врховниот суд ги има за унапредување на транспарентноста, независноста, ефикасноста и примената на европските стандарди, изјави претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Препораките на Европската Унија, според неа, имаат клучно значење за потребните реформи.

- Особено во поглед на укажувањата на Оценската мисија на Европската Унија, а со цел да се обезбеди целосна независност на судството како основа за владеењето на правото, вели Адеми.

Како што дополнуваат во соопштението од Врховен, во Извештајот на Европската Комисија се нотира дека Врховниот суд под покровителство на претседателката Адеми, презел мерки за унапредување на транспарентноста, особено преку активностите на Советот за отворено судство во рамки на Врховниот суд.

Во таа насока се истакнува значењето на Советот за отворено судство, кој под водство на претседателот на Врховниот суд го спроведува акцискиот план кој предвидува подобрување на односите со јавноста меѓу судовите и јавноста.

Од аспект на унапредувањето на транспарентноста, во Извештајот  се потенцира дека Врховниот суд на предлог на претседателката Адеми, утврдил начелен став за објавувањето на неправосилните судски одлуки, кој пониските судови во државата го почитуваат.

Во делот за независноста на судството, од Врховен дополнуваат дека во Извештајот се истакнува дека претседателката на Врховниот суд упатила јавни критики и реакции за постоењето на несоодветни влијанија и притисоци во судството и во таа насока се укажува на контроверзноста на постапката која се водеше против претседателката на Врховниот суд пред Судскиот совет.

Извештајот нотира и дека Врховниот суд утврдил начелен став за директна примена на Европската конвенција за заштита на човековите права, а во врска со правото на жалба во контекст на одредбите од Законот за Судскиот совет.

Во Извештајот на Европската Комисија е наведена и јавната реакција на Врховниот суд за континуираното непочитување на законскиот лимит за обезбедување на буџетот за судството што се одразува на независноста на судската власт, како и проблематичноста на измените на Кривичниот законик, за кој Врховниот суд, исто така, имаше јавна реакција. ар/ац/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан