Студија: Довербата во демократските парламенти страда од „глобален пад“
- Според ново истражување, довербата во владите и политичките партии опаѓа во демократските земји ширум светот, објави PA Media/DPA.

Берлин, 19 февруари 2025 (МИА) - Според ново истражување, довербата во владите и политичките партии опаѓа во демократските земји ширум светот, објави PA Media/DPA.
Истражувачите од Универзитетот во Саутемптон анализирале 3.377 истражувања кои опфаќаат 143 земји помеѓу 1958 и 2019 година, што претставува повеќе од пет милиони испитаници. Тие откриваат дека додека довербата во репрезентативните институции како што се парламентите „генерално опаѓа“, довербата во нерепрезентативните елементи како што се полицијата, државните служби и правните системи останува стабилна или се зголемува.
Д-р Виктор Валгардсон, водечки автор на студијата рече дека резултатите се „предупредувачки знак“ дека автократските лидери би можеле да ја искористат промената во јавното мислење и да станат посилни.
„Падот на довербата на јавноста во политичките власти е во срцето на предизвиците со кои се соочуваат демократските влади во многу земји денес. Ниската доверба во политичарите обично се поврзува со поддршката за популистичките партии и лидерите кои се против политичкиот естаблишмент. Исто така, им отежнува на владите да одговорат на кризи како климатските промени и пандемијата Ковид-19“.
„Во САД, довербата во федералната влада опадна во изминатите неколку децении и не е случајно што сега сме сведоци на драматичен напад врз демократските институции таму, предводени од кандидат кој беше избран откако вети дека ќе го стори токму тоа“.
„Иако се уште има докази дека граѓаните во голема мера ја поддржуваат идејата за демократија, голем број од нив ја изгубија вербата во институциите кои се неопходни за демократско владеење, што доведе некои од нив да гласаат за кандидати кои се чини дека имаат намера да ја уништат демократијата каква што ја знаеме“.
Истражувањето покажа дека вкупната доверба во парламентите е намалена за 9 отсто од 1990 година до 2019 година во демократските земји во светот, додека довербата во полицијата е зголемена за 13 поени.
Авторите, исто така, открија дека довербата во парламентот е намалена во 36 демократии, вклучувајќи ги Аргентина, Бразил, Франција, Италија, Шпанија, Јужна Кореја, Австралија и САД, а се зголемила само во шест.
Во студијата се нагласува дека - довербата во владите „пропаднала на глобално ниво“ по финансиската криза во 2008 година, иако во Јужна Америка се зголемувала до 2014 година, по што почнала брзо да опаѓа.
Истражувачите не открија очигледен пад на довербата во Азија и Пацификот, додека Данска, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Еквадор и Нов Зеланд се спротиставуваат на глобалниот тренд - со зголемување на довербата во репрезентативните институции. зш/