• петок, 21 февруари 2025

Сибиха и Келог разговарале за „долготраен мир“ во Украина

Сибиха и Келог разговарале за „долготраен мир“ во Украина

Киев, 20 февруари 2025 (МИА) – Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха денеска изјави дека со американскиот специјален пратеник Кит Келог разговарал за начините за ставање крај на војната со Русија и за постигнување траен мир.

Посетата на Келог на Киев се одвива во тежок дипломатски период за Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп стави крај на политичката изолација на рускиот претседател Владимир Путин, започна билатерални преговори со Москва и даде изјави во согласност со ставот на Кремљ за Украина.

„Ја потврдив волјата на Украина да постигне мир преку сила и нашата визија за неопходните чекори“, напиша Сибиха на платформата X.

На Келог, кој во главниот град на Украина е од вчера, украинскиот министер му кажал дека безбедноста на Украина и трансатлантските земји е „неделива“.

Келог по пристигнувањето во Украина најави дека „ќе седи и слуша“.

Американскиот претставник денеска се сретна и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но нивната заедничка прес-конференција е откажана на барање на САД, соопштија од кабинетот на Зеленски.

Келог претходно се сретна со раководството на украинската војска и разузнавачка заедница.

Во изминатите два дена, Трамп рече дека Украина „никогаш не требаше да ја започне“ војната што Русија всушност ја започна во 2022 година, и притоа Зеленски го нарече „неизбран диктатор“ и шири лажни информации за неговата популарност.

Зеленски одговори дека Трамп се наоѓа во „балон од дезинформации“ кои доаѓаат од Русија, но подоцна истиот ден, сепак, кажа дека смета на американскиот прагматизам.сд/

Фото: ЕПА

Остани поврзан