• недела, 22 декември 2024

Студија: Германската полиција расно профилира, па Албанците ги поврзува со дрога, а е построга кон Арапите

Студија: Германската полиција расно профилира, па Албанците ги поврзува со дрога, а е построга кон Арапите

Берлин, 9 септември 2024 (МИА) - Постапувањето на германската полиција поттикнува системска дискриминација, со полицајци кои рутински користат расно профилирање и се потпираат на етнички стереотипи, покажува нова студија објавена од интернет порталот кој следи податоци за имиграција и азил.

Студијата ја спроведе Mediendienst Integration и е објавена во екот на загриженоста на активистите поради порастот на расизмот во Германија и појавата на десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).

Во рутинската полициска работа, етничките малцинства, особено оние кои се перцепираат како мигранти, несразмерно се мета на патроли и полициски интервенции, покажа истражувањето спроведено во западната германска провинција Долна Саксонија.

Истражувањето открива дека полицајците често се потпираат на расни обележја, а не на однесување, при извршување на проактивни патроли. Поединците кои се перцепираат како „црни Африканци“ или „Албанци“ често се поврзуваат со дрога, што доведува до зголемено внимание од страна на полицијата.

Јужноевропејците, Русите и таканаречените членови на „кланот“ се сметаат за поагресивни или некооперативни, што предизвикува претерана реакција на полицијата, се наведува во студијата.

Истражувањето го спроведоа двајца професори од Полициската академија на Долна Саксонија и покажало дека полицајците често ги сметаат за непријателски настроени младите мажи со арапско или турско потекло, како и политички левичарски поединци, што резултирало со поостар третман на нив.

Ваквите претпоставки доведуваат до прекумерен полициски надзор, при што повеќе сили се распоредени во ситуации во кои се вклучени наведените групи без оглед на вистинското ниво на закана, истовремено засилувајќи ги негативните перцепции за овие групи како закани за јавната безбедност. ссм/

фото: архива

Остани поврзан