• недела, 12 мај 2024

Струмица доби Центар за дневен престој на лица со попреченост со вклучен индивидуален третман

Струмица доби Центар за дневен престој на лица со попреченост со вклучен индивидуален третман

Струмица, 31 август 2023 (МИА) - Општина Струмица денеска доби Центар за дневен престој на лица со попреченост, со вклучен индивидуален третман и услуга индивидуален третман.

Центарот „Едупрактика“ е целосно опремен за потребите на лицата со попреченост, а ќе почне со работа по добивањето на лиценцата.

- Со овој Центар се обезбедува бесплатен дневен престој за 20 дечиња со попреченост и бесплатна услуга индивидуален третман од специјален едукатор и рехабилитатор и логопед за други 20 дечиња на кои им е тоа препорачано, а кои се на возраст од 3 до 14 години. Добивањето на овој проект и грант за Општина Струмица не значи само развивање нови социјални услуги и нови инклузивни можности во заедницата на децата со попреченост, туку и социјална инклузија и општествена и егзистенцијална сигурност на семејствата на децата со попреченост кои ќе можат да бидат вработливи и општествено активни, изјави градоначалникот Костадин Костадинов.

Информираше дека Општина Струмица во овој проект учествува со вкупно 5,6 милиони денари и со отстапување на простор од овој објект со површина од 300 метри квадратни. Центарот е во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги во општините помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Светска банка кои ги обезбедија останатите средства до вкупниот износ за реализација на проектот од 15,4 милиони денари.

Додаде дека Струмица останува најинклузивна општина во државата, бидејќи прва ги вклучи специјалните едукатори и рехабилитатори во стручните служби во сите основни и средни училишта, прва започна со специјално образование на ученици со аутизам, прва додели средства за сензорна соба во основно училиште, а има воведено и развиено вкупно четири нови социјални услуги за лица со попреченост и стари лица и просторно го поддржа регионалното стручно тело за функционална проценка (МКФ) кое исто така ќе биде сместено во овој објект.

Според Спасе Додевски, Kоординатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Центарот е отворен според потребите на граѓаните.

- Веќе имаме голема заинтересираност од децата посебно за услугата за дневен престој, како и за индивидуален третман. Според одредените критериуми услугите ќе ги даваат стручни лица, односно 6 вработени, негуватели и технички персонал. Очекуваме во скоро време да ја добиеме потребната лиценца од страна на Министерството за труд и социјална политика, рече Додевски.

Додаде дека оваа установа е дополнителна услуга за децата кои тука ќе можат да престојуваат пред или по наставата и ќе добиваат повеќе видови терапија.

Инаку, изборот на децата кои ќе можат да престојуваат ќе се врши според социјалниот статус на семејството и предност ќе имаат семејствата со социјален ризик. Престојот на децата е целосно бесплатен, односно по завршувањето на проектот финансирањето на Центарот ќе биде обезбедено од Министерството за труд и социјална политика и Општина Струмица. рт/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан