• недела, 22 декември 2024

Столтенберг: НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина

Столтенберг: НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина

Капри, 18 април 2024 (МИА) - НАТО работи на можноста за испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите 'Патриот'. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие ќе пренасочат некои од нивните системи во Украина, изјави Столтенберг на италијанскиот остров Капри, каде што учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-7.

„Водиме дијалог со некои конкретни земји“, додаде тој, нагласувајќи дека прашањето за системите „Патриот“ е клучно бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем што може да го обезбеди Алијансата.

„Одложувањето на испораката на противвоздушна одбрана значи дека повеќе руски ракети ќе ги погодат нивните цели во Украина. Доцнењето на испораката на муниција значи дека Русија ќе може да турка повеќе сили на линијата на фронтот“, додаде тој.

Генералниот секретар на НАТО рече дека е „охрабрен од посветеноста и одлучноста на сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина“.

Според него, постојат охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес може наскоро да деблокира пакет од помошта за Украина во вредност од 60,84 милијарди долари. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан