• понеделник, 23 декември 2024

Стабилна епидемиолошката состојба во Прилеп, грипот заминува, сѐ уште има трансмисија на КОВИД-19 

Стабилна епидемиолошката состојба во Прилеп, грипот заминува, сѐ уште има трансмисија на КОВИД-19 

Прилеп, 3 април 2023 (МИА) - Епидемиолошката состојба во Прилеп е стабилна, иако не е целосно завршена сезоната на грипот, ниту може да се исклучат ковид-случаите. Трипати се намали бројот на пријави за сезонскиот грип, но остануваат зголемени случаи на Ковид-19 за кои сега има соодветен капацитетен одговоор, вели директорката на прилепскиот Центар за јавно здравје Драгица Николоска.

Ситуацијата со грипот ќе се следи до средината на мај, иако има намалување на бројот на случаите. Променливото време нема драстично да ја промени ситуацијата. Од друга страна се зголемува бројот на ковид-регистрирани, но во Центарот за јавно здравје сметаат дека во претходниот период имаше преклопување на вирусите на сезонскиот грип и на ковидот.

-Бројот на пријави во јануари беше 250, а со завршувањето на март, пријавени се 98 случаи на грип, што значи дека имаме тројно намалување на бројот на пријави. Но, се уште се собираат пријавите за сезонски грп. Значи, до средината на мај ќе ја следиме состојбата со грипот. Променливоста на времето може да ја зголеми бројката на заболени од сезонскиот грип, но не очекуваме драстично зголемување. Што се однесува до Ковид-19, споредбено во трите месеци од годинава, може да забележиме зголемување. Во јануари и февруари бројот на новозаболени беше од 30 до 35, но со завршувањето на март, бројот на новопријавени случаи е 90.  Имаме трикратно зголемување на бројот на новорегистрирани случаи на Ковид-19, изјави директорката Николоска. 

- Нашата претпоставка е дека во јануари и февруари симптомите на Ковид-19 се преклопуваа со симптомите на сезонскиот грип и најчесто граѓаните се лекуваа дома со препорака на матичните лекар. Сега, со намалувањето на бројката на сезонскиот грип, повторно тестирањата за Ковид-19 се зголемуваат и пропорционално на тоа, бројката на заболени се зголемува. Но, од друга страна, во јануари имавме најмногу тестирања од Ковид-19, 650. Со оглед на сета ситуација, Ковид-19 сѐ уште има трансмисија меѓу населението, но имаме соодветен капацитетен одговор, анализира Николоска.

Со затоплувањето и со престојот на отворено се очекува да се намалат сите заболувања, но препораката останува  дека сите мерки за превенција, заштита од сезонски грип, од респираторни заболувања, од Ковид-19, да бидат на сила и претпазливоста да остане кај секого.

-Нема никакви проблеми со заболувања во градинките и во училиштата. Во моментов ситуацијата е стабилна, вели Николоска.

Овој период, главно, остануваат хроничниот пролетен замор и напорот за адаптирање на организмот на временските промени. ем/мд/

Фото: МИА                                                                           

Остани поврзан