• сабота, 11 мај 2024

Средношколци од Кочани освоија награда на програмата UPSHIFT за иновативно решение за прочистување на воздухот

Средношколци од Кочани освоија награда на програмата UPSHIFT за иновативно решение за прочистување на воздухот

Кочани, 9 април 2024 (МИА) – Ученички тим од СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани oсвоија прва награда за иновативен проект за еколошко решение за прочистување на воздухот на вториот Bootcamp циклус во Струга, во рамки на програмата „UPSHIFT“ што ја спроведува здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD). Исто така, кочанската гимназија го доби и епитетот нај-UPSHIFT средно училиште како најнаградувано во рамки програмата.

На кампот имаше 10 тимови финалисти со вкупно 50 ученици од средните училишта, кои со своите ментори работеа на иновативни решенија против загадувањето на воздухот и за подобрување на неговиот квалитет.

-Во тимот од „Љупчо Сантов“ беа учениците во втора година Александра Чолева, Михаела Манчова, Сара Јорданова, Марко Костадинов Крстев и Давид Лазаров, под менторство на професорот Борче Алексов. Тие работеа на иновативно решение екосепаро филтер, односно еко дрво кое преку своето стебло и отпадниот сепаратор на сензори ќе го селектира отпадот по категории и ќе спречува појава на стакленички гасови. Исто така, еко дрвото има и решение за подобрување на квалитетот на воздухот преку неговиот воздушен филтрат, кој е составен од ползечко растение врз подлога од зеолит и активен јаглен. Можноста на ова растение да генерира кислород преку процесот на фотосинтеза, како и бенефитите од активниот јаглен и зеолитот во прочистувањето на воздухот обезбедуваат решението да има двојно дејство, истакнаа од СОУ „Љупчо Сантов“.

Наградата што ја добија учениците е во вредност од 120 илјади денари и тие ќе се искористат за натамошно унапредување и развој на решението.

Програмата „Upshift“ се реализира во средните училишта заради поттикнување иновативни идеи кај учениците за решавање проблеми во нивната заедница, а финансиската поддршка ја обезбедуваат УНИЦЕФ, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Амбасадата на Шведска. та/мд/

фото: СОУ „Љупчо Сантов“ - Кочани

Остани поврзан