• понеделник, 04 март 2024

Спасовски учествува на Конференцијата на глобалниот сојуз за борба против криумчарењето мигранти во Брисел 

Спасовски учествува на Конференцијата на глобалниот сојуз за борба против криумчарењето мигранти во Брисел 

Брисел, 28 ноември 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ќе учествува на Меѓународната конференција на глобалниот сојуз за борба против криумчарењето мигранти, организирана од Европската комисија, во чии рамки ќе има обраќање на панелот насловен „Одговор на криумчарењето мигранти“.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на Конференцијата ќе присуствуваат претставници на земјите членки на ЕУ, на клучните партнерски држави на Унијата и на меѓународни организации, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и еврокомесарите за внатрешни работи Илва Јохансон, за правда Дидие Рејндерс, за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен.  

Конференцијата ќе започне со воведно обраќање на Фон дер Лајен, а покрај панелот „Одговор на криумчарењето мигранти“, на Конференцијата ќе се одржат и панелите „Спречување на криумчарењето мигранти“ и „Алтернативи на нерегуларната миграција како клучна пречка за криумчарењето“.  

Како што соопшти ЕК, Конференцијата ќе биде повод за започнување на „Повикот за акција“ на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти, за кој ќе говорат еврокомесарката Јохансон и шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.  

Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) соопшти дека либиската крајбрежна стража спасила повеќе од 1.000 илегални мигранти оваа година.

По повод Конференцијата, ЕК денеска ќе претстави и нова Директива за борба против криумчарењето мигранти, со која ќе се утврдуваат минималните правила за олеснување на неовластен влез, транзит и престој во ЕУ, како и Регулатива за зајакнување на улогата на Европол во меѓуагенциската соработка во борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе.  

- Овие иницијативи заедно ја утврдуваат новата правна, оперативна и меѓународна рамка за соработка против криумчарењето мигранти за следните години, информира ЕК.  

Одржувањето на денешната Конференција го најави претседателката на Еврокомисијата, Фон дер Лајен при обраќањето за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент во септември, годинава. 

Таа тогаш нагласи дека справувањето со миграцијата бара постојана работа, при што клучна во тој процес е борбата против шверцерите на луѓе, кои со „своите лаги привлекуваат очајни луѓе и ги доведуваат во ризик на опасните патишта низ пустините или на несоодветните чамци за патување по море“.   

- Треба да работиме со нашите партнери за да се справиме со оваа глобална чума на трговија со луѓе. Затоа Комисијата ќе организира меѓународна конференција за борба против криумчарењето на луѓе. Време е да се стави крај на овој бесчувствителен и криминален бизнис, истакна Фон дер Лајен во обраќањето.  

Според Еврокомисијата, криумчарењето на мигранти е глобална криминална активност, во услови кога сиромаштијата, социјалната и политичката нестабилност, како и ограничената достапност до легални миграциски рути, туркаат илјадници луѓе кон мрежите на криминалци, кои им ветуваат илегален влез, транзит или престој во ЕУ.  

- Овие патувања можат да бидат исклучително опасни, а шверцерите често ги изложуваат мигрантите на ризици опасни по живот и на насилство. Загубата на животи како резултат на криумчарењето мигранти бара решителен и итен одговор на ниво на ЕУ и на глобално ниво, порача Европската комисија во најавата за Конференцијата.  

Според податоците на ЕУ, во текот на минатата година во Унијата влегле околу 331.000 илегални мигранти, од кои дури 90 проценти пристигнале до нејзината територија преку мрежите на шверцерите со луѓе. Европол, од друга страна, во 2022 година регистрирал околу 15.000 шверцери на мигранти. сп/бак/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан