• сабота, 21 декември 2024

Спасовски за МИА: Пад на обидите за илегален премин на македонските граници за 50 отсто 

Спасовски за МИА: Пад на обидите за илегален премин на македонските граници за 50 отсто 

Брисел, 28 ноември 2023 (МИА) – Обидите за илегално преминување на македонските граници оваа година бележат намалување за 50 проценти во споредба со лани, а за 50 отсто има и зголемување на ефикасноста во откривањето на криумчарењето на мигранти, со што ние сме единствена држава во регионот, која има така добри резултати и ефикасно се справува со илегалната миграција, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА во Брисел, каде денеска учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалниот сојуз за борба против криумчарењето на мигранти во организација на Европската комисија.

- Во континуитет веќе десет години ние се бориме со илегалната миграција, со криумчарењето на мигранти и секако неминовно со сузбивањето на организираните криминални групи, коишто се бават со криумчарење на мигранти. Еден од наши главни приоритети во работењето на МВР, е секако спречувањето на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти. Оваа појава наметнува многу безбедносни ризици, не само во регионот, туку и генерално во Европа, истакна Спасовски кој на конференцијата говореше на панелот насловен „Одговор на криумчарењето на мигранти“.

Тој потенцира дека во обраќањето посебно ја истакнал оперативноста на Договорот со Фронтекс, со чии припадници македонската полиција практично спроведува заедничка акција на нашата јужна граница, од каде се над 95 проценти од обидите на мигрантите за влез во земјава.

- Еден мал процент, 3 до 4 отсто влегуваат од северната граница, практично во континуитет е тоа. Има одреден број на мигранти коишто практично ја користат таа рута, се враќаат назад кон Грција и повторно заминуваат во Европа, за да можат да ги сокријат од која држава влегуваат, вели Спасовски.

Тој го споделил и нашето искуство во формирањето посебна Национална агенција, односно Единица за сузбивање на криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе, која заедно со Одделот за гранични работи, ги следи состојбите и делува проактивно во однос на сузбивањето на миграцијата, криумчарењето на мигранти и секако трговијата со луѓе. 

- Како врвен приоритет се бараше изнаоѓање на нови начини и механизми да се бориме против овој вид на криминал и токму заради тоа ја направивме оваа единица. Притоа, успеавме преку низа на проекти, пред се ИПА проекти, коишто се финансирани од европските фондови, да извршиме не само подобрување на мобилноста и обуката на кадарот, туку и модернизација на опремата која што ја користи пред се Одделот за гранична полиција, истакна Спасовски.

Во интервјуто, Спасовски говори и за потрагата по исчезнатата Вања Ѓорчевска, како и околу можностите за заеднички настап на партиите од владината коалиција на следните претседателски и парламентарани избори.

Во продолжение следи интегралното интервју со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски: 

Денеска во Брисел учествувате на Меѓународната конференција на Глобалниот сојуз за борба против криумчарењето на мигранти. Какви пораки беа упатени од собирот? 

Знаете дека во континуитет веќе десет години ние се бориме со илегалната миграција, со криумчарењето на мигранти и секако неминовно со сузбивањето практично на организираните криминални групи, коишто се бават со криумчарење на мигранти. Еден од наши главни приоритети во работењето и на МВР, е секако спречувањето на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти. Оваа појава наметнува многу безбедносни ризици, не само во регионот кај нас, туку и генерално во Европа. 

И оттаму, се организираше практично и оваа денешна конференција. Морам да кажам, голема конференција со респективен број на учесници, министрите на земјите членки на ЕУ, меѓутоа и министрите од целиот свет, од Пакистан, па од африканските земји. И ова беше еден сеопфатен пристап во формирањето на т.н. Глобална алијанса за борба против криумчарењето на мигранти, како резултат од таа партнерска дискусија и тоа на рамноправни основи коишто ја имаме и потребата во оваа битка да се вклучиме, да се потпреме едни на други, да си помогнеме едни со други и од тоа произлезе и заедничкиот „Повик за акција“ за засилена соработка помеѓу нас како земји или партнери. 

Вие имавте обраќање во рамки на панелот „Одговор на криумчарењето на мигранти“. Кои беа вашите главни поенти во обраќањето?

Јас, во моето обраќање, се осврнав пред се на активирањето на западнобалканската рута и како криминалните структури го искористија овој момент своите криминални активности да ги заменат со криминалната активност на криумчарење на мигранти. Кога зборувам за криминални активности, трговија со дрога, со оружје и сето она што значи транснационален криминал. Зошто? Заради тоа што криумчарењето на мигранти како криминална активност, е пред се високо профитабилна, а исто така е потребно многу ниско ниво на експертиза и на софистицираност. 

Го споделив нашето искуство дека затоа во рамките на МВР формиравме посебна Национална агенција, односно Единици за сузбивање на криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе, која што заедно со Одделот за гранични работи, ги следи состојбите, меѓутоа и делува проактивно во однос на сузбивањето на миграцијата, криумчарењето на мигранти и секако трговијата со луѓе. Како врвен приоритет се бараше изнаоѓање на нови начини и механизми да се бориме против овој вид на криминал и токму заради тоа ја направивме оваа единица. Притоа, успеавме преку низа на проекти, пред се ИПА проекти, коишто се финансирани од европските фондови, да извршиме не само подобрување на мобилноста и обуката на кадарот, туку и модернизација на опремата која што ја користи пред се Одделот за гранична полиција.

Како од големо значење ја истакнав и таа наша прекугранична соработка, бидејќи споделувањето на сознанијата на оперативни информации, на теренски активности, покажуваат дека е важно да се соработува што е можно поблиску. И во рамките на ова, морам да ја истакнам соработката, и ја истакнав на конференцијата пред се со Европол, со ЕвроЏаст, со СЕЛЕЦ и со Фронтекс, како европски агенции, коишто работат заеднички со нас и практично преку кои ние можеме да ги искористиме сите можни механизми и сознанија кои што сите овие европски агенции ги имаат, може да ги стават на располагање на Репубила Северна Македонија. 

Посебно ја истакнав оперативноста на Договорот со Фронтекс, каде што од април месец до денеска практично ние спроведуваме заедничка акција нашата јужна граница. И морам да споделам податок дека оваа година Репубила Северна Македонија има намалување за 50 проценти на обиди за илегално преминување на границите, а во споредба со минатата година, ние сме единствена држава во регионот, која што има така добри резултати и се справува ефикасно на ова поле на спречување на илегалната миграција. Меѓутоа исто така и за 50 проценти има и зголемување на ефикасноста во откривањето на криумчарењето на мигранти. 

Соработката со Фронтекс е само на јужната граница, а не и на границата кон Бугарија? 

Да. Соработката со Фронтекс е на јужната граница, заради тоа што над 95 проценти од мигрантите влегуваат, односно пробуваат да влезат на јужната граница. Додека немаме обиди за влез, ниту на источната, ниту на западната граница. Еден мал процент, 3 до 4 отсто влегуваат од северната граница, практично во континуитет е тоа. Има одреден број на мигранти коишто практично ја користат таа рута, се враќаат назад кон Грција, и повторно заминуваат во Европа, за да можат да сокријат својот влез, односно од која држава влегуваат. 

Актуелно во земјава од вчера и денеска е исчезнувањето на Вања Ѓорчевска. Дали МВР има некои нови сознанија во врска со тоа и дали стапивте во контакт евентуално со полициите од соседните земји во таа потрага? 

Ние како МВР се вклучивме интензивно вендаш после пријавата. И интензивно работи тим посебен којшто е формиран од страна на СВР во Скопје. Синоќа до доцна во ноќта, практично до утринските часови, работеше целиот овој тим, предводен од началникот на СВР во Скопје. Извршени се низа на активности, проверки и земање на изјави, разговор со семејството, итн, се со цел да дојдеме до некаква првична информација. Секако дека сите мерки и активности коишто се потребни ќе ги преземеме се со цел да дојдеме до информација за да може да биде пронајдено девојчето. 

Апелирам до граѓаните навистина да ги добиваат информациите од МВР и на тој начин најмногу ќе се помогне да ја постигнеме целта. Да не изнесуваме шпекулации во јавноста коишто дополнително може да ја подгреваат атмосферата. 

Како главно прашање во земјава изминативе недели се наметна терминот за одржување на претседателските и парламентарните избори. Дали е на повидок некаков договор за датумот? 

Првенствено има законски рокови во коишто треба да бидат одржани и претседателските и парламентарните избори. Се преговара помеѓу политичките субјекти во однос на Изборниот законик, за да може да се внесат сите забелешки коишто беа од страна на ОБСЕ/ОДИХР, коишто се набљудувачи на изборите, да се отстранат сите тие слаботи коишто ги имаме во изборниот процес и на тој начин да се даде поголема можност изборниот процес да протече на еден фер и демократски начин. Секако дека во рамките на целиот тој процес, има разговори помеѓу политичките субјекти. Така што, верувам дека кога ќе се донесат одлуките, тие ќе се соопштат на јавноста. 

Ministria e Punëve të Brendshme në mënyrë aktive u përfshi në hetimin menjëherë pas denoncimit për zhdukjen e vajzës nga Shkupi dhe për gjetjen e saj intensivisht punon një ekip i veçantë i f

Ние во партијата треба да разговараме на партиските органи по односно на ова прашање, како и секако со другите политички партии и да пристапиме кон организација на изборите. Важно е да имаме фер, демократски избори, избори коишто ќе овозможат граѓаните да донесат одлука за тоа каде ја гледаат Република Северна Макединија во наредниот период. 

Кога сме кај претседателските избори, дали со партиите од владината коалиција, се разговара за можноста за единствен претседателски кандидат на тој „проевропски фронт“? 

Проевропскиот фронт, проевропската коалиција секако дека е нешто што би претставувало една дополнителна вредност за државата и за напредокот на државата, заради тоа што е многу важно, кој концепт практично ќе ја предводи Република Северна Макеонија во наредниот период. Дали тој проевропски фронт, којшто има јасна визија, којшто знае каде треба да се движи Република Северна Макеонија и која е нашата цел, бидејќи навистина нема алтернатива на европскиот пат. Ако имаше до сега, ќе се соопштеше некаква нова алтернатива. И имаме една опозициска партија, која што практично е осамена во напорите, бидејќи нема јасна визија во целиот овој процес. 

Така што вреди да се разговара на сите овие теми и да се створи што е можно поголем фронт, којшто би поддржал таква една проевропска идеја. Нормално тука се разговара за кандидатот за претседател и за настапот на парламентарните избори. 

За настап на тој фронт со заеднички листи и на парламентарните избори? 

Значи има опции, тие опции треба да се анализираат, да се разгледаат и тоа што е најдобро пред се за државата, да биде и на изборите.  

Според некои анкети, вашето име заедно со имињата на актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешната министерка Радмила Шеќеринска, се споменуваат како можни претседателски кандидати. Ваш коментар за тоа? 

Па, јас не ги влечам заклучоците од тоа кој ќе биде на одредена анкета. За мене е многу важно да се утврди кандидат којшто пред се ги споделува вредностите не само на партијата, туку вредностите на мнозинството граѓани коишто се за нашето членство во ЕУ и на основа на тоа да избереме навистина одличен кандидат, којшто би бил и одличен претседател на државата. Така што, знаете личните амбиции, личните комбинаторики во овој момент се неважни. Важно е каде ќе се движи државата и што ќе им понудиме како иднина на граѓаните.  

Значи не ја исклучувате можноста дека би можеле и вие да бидете претседателски кандидат? 

Јас укажав. Тој процес на кандидирање воопшто не е ни започнат. Не се размислува, односно јас не размислувам во овој момент во тој правец. Апсолутно сметам дека мора да се договориме на ниво на принципи за секој следен чекор којшто е пред нас.  

Сашко Панајотов

Фото: МИА/МИА Архива

Остани поврзан