• недела, 07 јули 2024

СПАК бара овластување од Собранието за определување мерка „куќен притвор“ за Сали Бериша

СПАК бара овластување од Собранието за определување мерка „куќен притвор“ за Сали Бериша

Тирана, 12 декември 2023 (МИА) - Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, од албанскиот Парламент побара  овластување за издавање дозвола за определување мерка „куќен притвор“ за поранешниот премиер Сали Бериша.

Претходно, на Бериша, кој е пратеник, му беше  изречена мерка задолжително јавување и забрана за напуштање на државата, под обвинение за „пасивна корупција“ и „злоупотреба на службената положба“, во врска со приватизацијата на спортскиот комплекс „Партизан“ во Тирана.

Во случајот обвинет е и неговиот зет за ќерка, кој до пред десеттина дена беше во затворски притвор, од кога мерката му е  заменета со „куќен притвор, редовно пријавување и забрана за напуштање на земјата“.

Бериша (79) се спротивстави на овие мерки и ниту еднаш не се јави пред органите на правдата, нарекувајќи ја одлуката политичка.

Според дел од медиумите,  врз основа на важечките законски прописи, поради возраста, Бериша не може да добие мерка затворски притвор.

Во кусата реакција по објавата на барањето, Бериша наведува дека ќе го почитува барањето и оти ја прифаќа секоја одлука на парламентот.

Во однос на претходната одлука, тој вели дека не ја прифатил судската наредба за јавување во судот, затоа што била во спротивност со Уставот, додавајќи „го бранев парламентот, а не себе“. вт/ссм/

фото: Бериша ФБ

Остани поврзан