• сабота, 21 декември 2024

Голем број пожари во Албанија, властите апелираат на внимателност и предупредуваат на високата затворска казна за потпалувачите

Голем број пожари во Албанија, властите апелираат на внимателност и предупредуваат на високата затворска казна за потпалувачите

Тирана, 7 јули 2024 (МИА) – Во Албанија секојдневно се регистрираат по 10 пожари, а најголем дел од нив се во шуми, но не се поштедени ни голем број главно маслинови насади кои поради високите температури се прошируваат во големи размери.

Она што посебно загрижува е фактот дека 90 отсто од пожарите се намерно предизвикани.

Поради алармантната состојба албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши упати апел до граѓаните да ги информираат надлежните при забележување на појава на пожар со цел навремено да се интервенира, но да дадат и информации и за „лицата кои намерно подметнуваат пожари, чиј број се зголемува поради топлотниот бран што ја зафати земјата“.

- Албанија влезе во период на многу високи температури! Мала искра може да предизвика непроценлива штета. Казната за подметнување шумски пожар е од 5 до 15 години затвор, што ја покажува решителноста на нашите институции против ова кривично дело. Сите заедно да се ангажираме во борбата против намерното подметнување пожари, стои во апелот на Пелеши на Фејсбук.

Арбен Цара, генералниот директор на албанската противпожарната служба вели дека 50 пожари биле од големи размери каде противпожарната служба била ангажирана со целиот капацитет.

Најкритична била состојбата со пожарите регистрирани во Химара, Фиер, Валона и Дивјак, како и Скадар. вт/

Фото: Пелеши ФБ

Остани поврзан