• недела, 22 декември 2024

Сочувство до иранскиот народ од лидери на голем број земји

Сочувство до иранскиот народ од лидери на голем број земји

Техеран, 20 мај 2024 (МИА) - Лидерите на голем број земји упатија сочувство до иранскиот народ за смртта на претседателот на земјата Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите членови на делегацијата и екипажот во хеликоптерска несреќа.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изрази сочувство до семејствата на жртвите, како и до целиот народ на Иран.

„Засекогаш ќе ги паметиме овие истакнати политички личности како вистински патриоти на Исламската Република, кои цврсто ги бранеа интересите на својата земја и ги дадоа своите животи во несебично служење на татковината. Во Русија, претседателот на Иран, Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан беа познати како вистински, сигурни пријатели на нашата земја. Нивната улога во зајакнувањето на заемно корисната руско-иранска соработка и доверливо партнерство е непроценлива“, наведе Лавров.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска исто така изрази сочувство за смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, нагласувајќи дека Турција е солидарна со Иран.

Ердоган на платформата Х напиша дека се сеќава на Раиси со почит и благодарност, наведувајќи дека иранскиот претседател вложил напори за мир во Иран и во регионот.

„Турција стои со Иран во ова тешко време“, наведе Ердоган, нарекувајќи го Раиси „вреден колега и брат“.

И турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изрази сочувство на Техеран за смртта на претседателот Раиси и неговата придружба во хеликоптерската несреќа.

„За жал, веста за смртта на почитуваниот претседател и министер за надворешни работи длабоко не растажи. Ја споделуваме длабоката болка на пријателскиот и братскиот народ на Иран“, рече Фидан на заедничката прес-конференција со пакистанскиот колега во Исламабад.

Тој потсети дека веднаш по несреќата во северозападната иранска провинција Источен Азербејџан во неделата попладне, Турција ја мобилизираше сета можна опрема за да помогне во операциите за пребарување и спасување.

Сочувство за смртта на Раиси упати и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, а земјата ќе прогласи и ден на жалост.

Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед ал Нахајан, изјави дека неговата земја стои покрај Иран во овој тежок момент и изрази сочувство до иранската влада и народ.

Претседателот на Сирија, Башар ал Асад, исто така, изрази сочувство до владата и народот на Иран и ја потврди солидарноста на неговата земја со Иран и семејствата на жртвите.

Министерството за надворешни работи на Белорусија објави  дека смртта на Раиси е загуба, не само за иранското општество и дека тој бил вистински пријател на Белорусија.

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим изрази искрено сочувство до народот на Иран по смртта на Раиси и Амир Абдолахиан.

Во објавата на X, тој напиша: „Длабоко сум тажен поради трагичната смрт на претседателот Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други официјални лица на Исламската Република Иран“. паг/

Фото: ЕПА

 
 

Остани поврзан