• недела, 22 декември 2024

Совети за „зимскиот блуз“

Совети за „зимскиот блуз“

Лос Анџелес, 25 октомври 2023 (МИА) - Помалку Сончева светлина, постудени денови, подолги ноќи и помалку време надвор - сѐ тоа може да влијае на психичкото здравје на луѓето. Во овие есенски месеци од годината, многумина доживуваат промени во расположението - и тоа е вообичаено. Здравствените стручњаци откриваат зошто тоа се случува, како може да се справиме со промените во менталното, емоционално и физиолошко здравје и како да се подобри расположението?

Тоа сезонско афективно растројство (с.а.д.), што уште се нарекува и „зимски блуз“, е вид депресија што се јавува во есенските и зимските месеци, кога, меѓу другото, изложеноста на природна Сончева енергија е намалена.

Д-р Рајан Султан, истражувач и психијатар на Универзитетот Колумбија во Њујорк, САД, истакнува дека тоа е призната состојба што се одликува со промени во расположението и однесувањето токму зиме и наесен.

- Додека многу луѓе доживуваат поблаги промени во расположението во текот на зимата, с.а.д. претставува потежок и клинички позначаен облик на таа состојба... Точната причина за „зимскиот блуз“ не е целосно разјаснета, но се верува дека неколку фактори придонесуваат за неговиот развој. Меѓу основните фактори е намалената изложеност на Сончева светлина во текот на есенските и зимските месеци, појасни д-р Султан.

Сонцето е она што носи енергија и оптимизам во кои луѓето уживаат во потоплите денови. Темнината што сега почнува околу 17 часот, според стручњакот, може да поттикне развој на с.а.д.

Покрај падот на енергијата и лошото расположение, таа сезонска депресија може да донесе и низа други емоции и состојби, како што се зголемена грижа, замор, анксиозност, поспаност, летаргија, слаба концентрација и слично.

- Важно е да се напомне дека овие симптоми обично се појавуваат кон крајот на есента или почетокот на зимата и се намалуваат кон пролетта. Сепак, зимата треба да се преживее, без разлика дали ја сакате или не, бидејќи и таа е дел од годината и не може да се избегне... За да си го олесните овој период и да не паднете во целосна депресија, обидете се секој ден да направите нешто убаво за себе за коешто знаете дека ќе ви донесе насмевка на лицето и топлина во вашето срце, истакнува стручњакот. 

Симптомите на с.а.д. може да варираат по сериозност, но обично го вклучуваат следново: Постојани чувства на тага, безнадежност или вознемиреност; ниска енергија и поголем замор; поголема потреба за сон и отежнато будење наутро; желба за јаглени хидрати и зголемување на телесната тежина; тешкотии во концентрацијата и одлучувањето; социјално повлекување и намален интерес за активности; раздразливост и зголемено чувство на отфрленост.  си/сд/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан