• четврток, 21 ноември 2024

Собранието расправаше за избор на државен јавен обвинител, продолжението на расправата дополнително ќе биде закажано

Собранието расправаше за избор на државен јавен обвинител, продолжението на расправата дополнително ќе биде закажано

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА) – Собранието во рамките на попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 140-тата седница расправаше по Предлогот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија. За продолжението на седницата пратениците дополнително ќе бидат известени.

Во текот на расправата за збор се јавуваа само пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие обвинија за бројни злоупотреби во Јавното обвинителство од претходниот јавен обвинител кој, како што рекоа, застапувал само партиски интереси и значајно придонел за урнисувањето на довербата во судството.

Според нив, на власта и се брза пред изборите да ја пополнат и оваа висока јавна позиција со партиски кандидат. Како што посочија, за функцијата се јавиле тројца кандидати од кои само еден – Љупчо Коцевски го поминал филтерот на партијата на власт. Тој сега е единствен кандидат за избор на оваа висока позиција иако е сосема непознат за јавноста и не се знае ништо за неговата стручност за функцијата што треба да ја извршува во наредните шест години. Покрај тоа, додадоа, е веќе и пред пензија, а и експертската јавност даде препорака дека не ги исполнува критериумите за позицијата државен јавен обвинител.

Ниту еден од пратениците од владејачкото мнозинство не се јави за збор или за реплика.

Пред редовната пладневна пауза во рамките на истата седница со 65 гласа „за“ и 26 „против“ пратениците за нов судија во Уставниот суд ја изгласаа Ана Павловска-Данева, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

За утре е закажана собраниска седница за разрешување на министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, двајцата од Алијанса за Албанците, кои го поддржаа актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари што се залага за предизборна коалиција со Европскиот сојуз за промени. вј/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан