Сиљановска Давкова го прими Мигел Анхел Моратинос, заменик генерален секретар на ОН и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН
- На средбата со Моратинос, кој е и поранешен шеф на шпанската дипломатија кој бил инволвиран во процесот на проширување, како што информираат од Кабинетот на Сиљановска Давкова, била изразена согласност дека процесот на македонската евроинтеграција треба да биде во рамки на критериумите од Копенхаген и основните документи на ЕУ, а не врз билатерални и историски прашања.
Скопје, 12 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид го прими Мигел Анхел Моратинос, заменик генерален секретар на ОН и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН.
На средбата со Моратинос, кој е и поранешен шеф на шпанската дипломатија кој бил инволвиран во процесот на проширување, како што информираат од Кабинетот на Сиљановска Давкова, била изразена согласност дека процесот на македонската евроинтеграција треба да биде во рамки на критериумите од Копенхаген и основните документи на ЕУ, а не врз билатерални и историски прашања.
Соговорниците, се вели во соопштението, се согласиле дека е крајно време македонските граѓани да станат дел од европското семејство и ЕУ да го интегрира Западниот Балкан во своите редови и со тоа ќе се стекне со посилна поддршка и засилено влијание во мултиполарниот свет.
На средбата се разговарало и за важноста од промовирање на меѓукултурниот и меѓуверскиот дијалог како алатка за спречување на конфликти и поттикнување социјална кохезија, при што претседателката Сиљановска Давкова ја нагласила посветеноста на нашата држава кон мултилатерализмот, како и кон работата на Алијансата на цивилизациите, промовирајќи ја регионалната стабилност.
Сиљановска Давкова и Моратинос, размениле мислења и информации за целите на Алијансата на цивилизациите преку спроведување на политики кои промовираат социјална кохезија и културна инклузивност, а вклучуваат образовни програми, културни размени за јавна дипломатија, насочени кон градење толеранција и почитување. Сиљановска Давкова, се вели во соопштението, го посочи потенцијалот на младинските форуми, програмите за размена и обука за лидерство како средство да се поттикне меѓукултурното почитување и разбирање, при што ја истакна улогата на дигиталната дипломатија.
Мигел Анхел Моратинос, заменикот генерален секретар на ОН и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН престојува во нашата земја, по повод неговото учество на Форумот за културна дипломатија, организиран од Школата за млади лидери, под покровителство на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, кој, исто така, присуствувал на средбата. аа/
Фото: Кабинет на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова