• вторник, 24 декември 2024

Системот на кауција за амбалажен отпад нов тренд во Европа, кај нас потребна политичка волја

Системот на кауција за амбалажен отпад нов тренд во Европа, кај нас потребна политичка волја
Скопје, 27 август 2022 (МИА) - Повратните вендинг апарати за пластични шишиња и лименки на „ПАКОМАК“ низ неколку градa во земјава, кои веќе една година се во функција, целосно ја оправдуваат својата намена да ги мотивираат луѓето активно да се вклучат во процесот на селекција на отпад и да придонесат во оствaрување на поставените национални цели за рециклирање на амбалажен отпад. Се празнат и по неколку пати на ден, а годишно се очекува од еден апарат да биде собрано и до осум тони отпад од амбалажа. Според експертите, со воведување, пак, на системот на кауција, само од ПЕТ амбалажата може да се соберат до 90 проценти од тоа што се пласира на пазарот, а државата би инкасирала дополнителни 10 милиони евра. „ПАКОМАК“ е најголем колективен постапувач за управување со отпад од пакување во земјава. Управува со над 44 проценти од целокупниот отпад од пакување што годишно се создава во државата. Ико Брдароски од „ПАКОМАК“ во разговор за МИА објаснува како компанијата ги постигнува поставените цели, колку се задоволни од постојниот систем на прибирање на амбалажниот отпад и што е потребно за да се унапреди системот и да се зголеми опфатот на собирање на таа амбалажа. - ПАКОМАК е прв и најголем колективен постапувач во Македонија, непрофитна организација. Основан е од „најголемите компании - загадувачи“ кои што пуштаат амбалажен отпад на пазарот со продажба на своите производи. Ние работиме во нивно име и во име на сите други над 800 клиенти кои што пуштаат амбалажен отпад, собираме во нивно име амбалажа и ја носиме на рециклирање. Целите да се остварат не е лесно, но со континуирана инвестиција во инфраструктурата, едукација на населението и со добар план, целите се остварливи, вели Брдароски. Овој тип на работа, додава тој, не трпи импровизации, не трпи една година доцнење во инвестирањето од аспект на инфраструктурата бидејќи таа година многу тешко може да се надомести. Она што треба да го остваруваат и што го остваруваат е, вели, пропишано во Законот за управување со отпад од пакување. Тоа се всушност, оние национални цели за собран амбалажен отпад којшто потоа треба да се однесе на рециклирање и тие цели растат од година во година. -Ако првата година 2011-та беа 14 проценти да собереме од тоа што ни пријавуваат, зборуваме за амбалажен отпад - хартија, пластика, стакло, метал, композит тетрапак и дрво, оваа година тие цели изнесуваат 57 проценти и се доста високи, но се усогласени со европските цели. За постигнување на така високи цели, покрај основната инфраструктура - контејнери кои што се поставуваат на јавни простори за да се овозможи населението да го селектира амбалажниот отпад, ние одиме чекор понатаму, ги следиме европските трендови со инвестиција во повратни вендинг машини, вели Брдароски во разговор за МИА. Повратните вендинг машини се софистициран начин на собирање и дополнителен начин за стимулирање на населението за се селектираат пластичните шишиња и лименките. - Искуствата покажуваат дека тие високи над 60, па и повеќе проценти на амбалажен отпад што треба да го собереме, се постигнува на тој начин, појаснува Брдароски. За користење на вендинг машините потребно е само да се инсталира мобилната апликација Екомак на мобилниот телефон и да се проследи упатството. Запрашан за тоа дали државата треба да инвестира во овој вид на прибирање на отпад од пакување, тој е дециден дека нема потреба од инвестиција, туку она што е потребно и го очекуваат од државата е само да настојува доследно да се имплементира Законот за отпад од пакување. -Тоа е она што ние го очекуваме од државата. Има нов закон којшто е одличен и мислам дека сме на добар пат, ако целосно се имплементира, да оствариме добри резултати и како држава, а не само како ПАКОМАК, вели Брдароски. Од друга страна, како што нагласува, многу важно е општините да инвестираат во подобрување на своите технички капацитети или барем да партиципираат во стимулирањето на населението со овие повратни вендинг машини, бидејќи ако отпадот не се одложи во тие машини или во контејнерите, ќе заврши како комунален отпад на депонија. - Во блиска иднина ќе има регионални центри за депонија на отпад (државата планира три такви центри) и секое депонирање на отпадот за општините ќе претставува трошок, така што ќе треба да плаќаат. Ако се  депонираат пластичните шишиња на депонија дополнително е загадувањето на животната средина, а доколку се соберат со вендинг машините тие може да генерираат и приход за самата општина. Затоа со еден проект, што е поддржан од Швајцарската Амбасада, покрај тоа што поставуваме машини, ги едуцираме и стимулираме општините дека и тие треба да ги стимулираат своите граѓани да ги користат овие машини, појаснува Брдароски. Тој во видео изјавата дава одговор и на забелешките од нашите луѓе кои патуваат во земјите во Европа дека средствата кои што се добиваат од вендинг машините кај нив се многу поголеми отколку кај нас (овде се добиваат во вид на зелени поени).   https://www.youtube.com/watch?v=9mSJLGRqiag Најважно е, додава Брдароски, таквиот систем добро да се раководи, а искуствата кажуваат дека е добро да биде под менаџмент на компанија колективен постапувач како ПАКОМАК, а не на државата бидејќи такви големи системи најдобро функционираат кога се менаџирани од приватни компании кои што работат на непрофитна основа. Тоа е докажано во скандинавските земји каде што веќе повеќе од 20-30 години функционира таков систем. Потврдува дека тоа е всушност системот на кауција каков што го имавме во државата на времето. -Тоа е системот на кауција, но тој систем бара организација, бидејќи покрај машините, населението има можност да ја врати амбалажата и на каса во маркетите, па потоа маркетите ја пакуваат амбалажата, а треба да вратат и средства. Така што тоа е еден комплексен систем поврзан со финансии кој што треба добро да се менаџира и да се организира. За најмалку пет-шест години ние како држава би биле подготвени за овој систем, за кој ќе биде потребен нов закон. Најважно е ние сега да почнеме да ги создаваме навиките кај населението да ги користат вендинг машините, вели Брдароски. Инаку, вендинг машините на ПАКОМАК се македонско производство поддржано од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), развиени во соработка со Електротехничкиот факултет во Скопје. Хардверот е увезен од странство, а софтверот е наш. Досега се поставени вкупно 13 такви машини во целата држава. Од нив, три се купени од Швајцарската амбасада за Североисточниот плански регион и се поставени во Куманово, Крива Паланка и во село Слупчане. -Машините се поставени веќе една година и функционираат одлично. Меѓутоа во нивното работење се забележани низа аномалии, недостатоци од софтверски или хардверски аспект - често пати заради неедуцираност на луѓето, ќе стават повеќе шишиња и таа се заглавува, вели Брдароски. Затоа, решиле да одат на друг концепт на машини кои во иднина ќе бидат подготвени и за т.н. депозитен систем или системот на кауција, за што веќе е потпишан Договор за соработка со Швајцарска амбасада. -Проектот трае 30 месеци, во август веќе изминуваат првите 12 месеци, и со него во план е да се постават 70 такви машини. Проектот е со кофинансирање - 35 проценти од средствата се од Амбасадата, а 65 отсто партиципира ПАКОМАК. Наскоро треба да бидат поставени уште 30 нови машини, а другата година уште 40 од новите модели. ПАКОМАК има план во наредниве пет години да поставиме 300-400 машини. Тоа е оптимистичко сценарио, а песимистичкото е во наредните седум години со цел да ги има во секој град и секој да има можност да ја искористи таа машина, нагласува Брдароски. Постојните вендинг машини во Скопје се празнат и два до три пати во денот што значи дека од една машина се собира од 6-8 кг отпад што е сосема задоволителна количина за да се олесни исполнувањето на националните цели. Очекувањата на годишно ниво се 6-7 тони, па и повеќе отпад по машина. Новите вендинг машини кои ќе се постават се побрзи, поедноставни за користење и со поголем капацитет така што, според Брдароски, лесно се остварливи поставените цели. Тоа е сериозна количина на отпад од амбалажа која може да се искористи за производство на шишиња, бидејќи целта на големите компании кои што имаат значителен амбалажен отпад во своите прозиводи како Кока Кола, Пепси е одреден процент од нивната амбалажа да се прави од рециклирани пластични ПЕТ - шишиња. Во проектот со Швајцарите, ПАКОМАК работи и на Smart wаste menagement system, односно на развој на наш софтвер и на сензор кој што ќе биде поставен на сите игло-контејнери / за стакло, за пластика кој ќе покажува кај се наоѓа контејнерот, колку е полн со што ќе се оптимизира трошокот за собирање на содржината од тие контејнери. Тој софтвер е поддржан од МЖССП и ќе биде достапен за користење за увид во целосното движење на отпадот во нашата држава. Овој вид на систем во моментов постои само во 3-4 општини во Европа како пилот проект и дава можност на секој камион кој собира и пренесува каков било отпад да се постави сензор и да се следи неговото движење како и тежината која ја носи до депонија. Вендинг машините ќе бидат, исто така, дел од тој софтвер при што луѓето на мобилна апликација ќе можат да најдат каде во нивната околина има поставено вендинг машини, потоа можност поените собрани од рециклажата да се користат во маркети во вид на ваучери. Идејата е во повеќе продажни ланци да се користат тие поени, но ќе има и можност ваучерите да се донираат на општините за значајни јавни проекти. Од „Пакомак“ посочуваат дека во Северна Македонија годишно се генерираат над 100.000 тони амбалажен отпад. Од нив, околу 60.000 тони се евидентираат во системот и за нив фирмите кои го создаваат тој отпад, плаќаат. За другите 40-тина проценти отпад кој се генерира од компании, но кои не го пријавуваат и не плаќаат на годишно ниво, државата губи над 1,5 милиони евра. Ако државата овие фирми, преку надлежните органи ги задолжи на договор со колективен постапувач и ги обврзе ретроактивно да платат за последните 11 години (колку што е во сила Законот за управување со пакување и отпад од пакување), можат да бидат наплатени 10 милиони евра. Лидер во светот по враќање и рециклирање на амбалажна пластика со помош на повратните вендинг машини е Финска со собрани дури 90 проценти од вкупните количини на амбалажа од пијалоци. Поголеми цени за отпадот од ПЕТ амбалажа за одржливост на системот за управување со отпад Михаил Матески, сопственик и директор на Гринтех Србија и Гринтех Македонија - рециклажна пластика, повеќе од 20 години е во овој бизнис. Тој е еден од основачите, а од оваа година и претседател на МАСВА професионално здружение за унапредување на националниот систем за управување со цврст отпад во земјава.  Во своето излагање на работилница за новинари организирана од Цементарница „Усје“, коментирајќи ја моменталната состојба кај нас со управувањето со отпад вели дека законски сме усогласени со ЕУ во однос на третманот на отпад и веќе 10-тина години ги имаме законите што се однесуваат на животната средина и управувањето со отпад. Но, моменталната цена што производителите кои користат ПЕТ амбалажа ја плаќаат на колективниот постапувач како еко - такса, која е вградена во цената на производот, според Матески, не е доволна за да овозможи финансирање на систем на примарна селекција (контејнер, рецикломат, комунално или приватно претпријатие кое тој отпад ќе го собира) и треба да се зголеми. -Јасно е дека со цена од 0,05 денари по шише не може да се гради систем. Системот е неодржлив. Во регионот, цената која компаниите како Кока Кола, ја плаќаат по парче е пет до 10 пати повисока. Во Македонија ако плаќаат по тон 30 евра, во Романија плаќаат 200 евра. Дали тоа значи дека романската животна средина е повредна, дека нивното здравје е повредно? Со овој однос на цени ќе имаме отпад на сите страни. Пластика и алуминиум на сите страни, преполни контејнери и цела природа загадена, вели Матески. Примарната селекција на отпадот мора да почнува од домот на секој од нас. Според него, погрешна е претпоставката дека нема свест кај населението за рециклирања на амбалажен отпад, ова особено се однесува на младите генерации. Притоа, тој како одличен го смета примерот со рецикломатите за мотивирање на населението. Европа, посочува Матески, го преферира моделот на депозит или систем на кауција. Повеќето држави во Европа имаат воведено систем на кауција или депозитен систем - во цената на секое шише вода е вградена кауција и кога ќе го вратите назад, кауцијата ви се враќа. Во регионот во Хрватска тоа функционира 12 години, се применува и во Германија, во сите скандинавски (веќе 30 години го прават) и балтички земји, а интензивно се работи на негово воведување и во други држави. До 2025 година се очекува скоро сите членки во ЕУ да го воведат, посочува Матески. Причина за тоа, како што појаснува, е што кауцијата е единствен систем што обезбедува преку 90 проценти на собирање на амбалажниот отпад од тоа што се пласира на пазарот, а целта на ЕУ е тој процент да го достигне до 2030 година. Втора погодност, додава тој, е квалитетот на еднократната пластика /пластичните шишиња, која не е отпад туку суровина за нов производ. Со технолошка обработка од истото шише може пак да биде шише, при тоа за производство на ново шише од рециклирано, се троши многу помалку струја и се намалуват емисиите на јаглероден диоксид. И кај нас постои законска можност за воведување на овој систем, но, вели, потребна е политичка волја. Очекува системот да биде воведен што поскоро и да одиме во тој правец. -Во законот веќе е предвидена можност но треба да се донесат подзаконски акти - односно потребно е прво да се донесе одлука дека се воведува систем на кауција или депозит за конкретни пакувања и потоа државата ги поставува правилата. Колективните постапувачи како Пакомак се тие кои ќе управуваат. Значи потребна е политичка волја и слух и не е ништо комплицирано, вели Матески. Треба да се има предвид и фактот дека од 2025 година секое шише во ЕУ мора да има минимум 25 проценти содржина на рециклиран материјал. -Тоа значи дека и нашите производители, на пример „Горска“, ако сака да продава во Грција, Бугарија, Хрватска, земји од ЕУ, ќе мора да ги постигнат овие цели. Во спротивно, нивниот увозник ќе мора да плати еколошка такса со што нивниот производ станува неконкурентен и ќе треба да ги заборават овие пазари. Ние како дел од европскиот пазар мораме да се прилагодиме на овие трендови, но и заради нашето здравје и животната средина, подвлекува Матески. Според него, само на ПЕТ шишињата, доколку се воведе депозит системот и се соберат околу 90 проценти од оваа амбалажа пласирана на пазарот, од која со рециклирање повторно може да се добие гранулат за ново шише, ќе се добијат и до 10 милиони евра годишно повеќе. -Годишно има околу 10.000 тони амбалажна пет пластика кои се пласираат на пазарот. Од неа годишно се собираат околу 4.000 тони, ако се воведе депозит би имале околу 90 проценти на собирање или 9.000 тони, односно плус 5.000 тони годишно. ПЕТ шишињата можат да се рециклираат и од нив повторно да се добие гранулат за ново шише. Цената на гранулатот во моментов е околу 2.000 евра по тон. Тоа значи 10 милиони евра секоја година ние губиме како држава само на ПЕТ шишињата, вели Матески и порачува дека крајно време е да се реши проблемот со санитарни регионални депонии и со центри за селекција, како основно ниво во управувањето со отпад, а политичарите да сфатат дека ова е клучната тема. Матески се согласува дека општините се важен сегмент кој треба да партиципира во управувањето со отпад, но дека тоа не е случај во моментов. Според него, јавниот сектор во нашето општество, а особено комуналниот, не е заинтересиран за обврската за рециклажа. Од оваа оценка, посочува Матески, исклучоци се Прилеп и нивното комунално претпријатие кои се солиден пример, потоа Битола која се обидува нешто на тој план и Охрид каде, вели, почнале па застанале со намерите. Како илустрација го посочува примерот со неговата компанија за рециклажа на пластика, во која претежно од Скопје и земјава има влез на пластични шишиња од околу 100 тони, од кои само околу 500 килограми или 0,5 проценти се од Комунална хигиена на ниво на цел град Скопје. -Општините се одговорни за управувањето со отпадот. Оваа продолжена одговорност, значи производителите мора да финансираат, а по закон општините се должни тоа да го спроведуваат. Тие не мора да ја дадат таа обврска на комуналното претпријатие, може да ја дадат таа обврска и на приватен подизведувач. Законот ги нуди тие можности. Парите собрани од еко таксата се јавни пари и тие треба да одат за рециклирање на шишињата, а не за некој да ги стави в џеб, вели Матески. Општина Центар единствена во земјава со инвестиција во повратни вендинг машини Со цел да придонесе во намалувањето на количината на отпадот кој завршува во депониите, преку процесот на рециклирање, и со поддршка од граѓаните да се зачуваат природните ресурси од загадување, ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) и Општина Центар уште во 2020 започнаа со проектот „И отпадот има вредност!“ со кој се пуштени во употреба повратни вендинг апарати за рециклирање на пластични шишиња и лименки. Ги има вкупно 25 поставени на различни локации на територија на Општина Центар кои може да ги користат исклучиво жителите на општината за што добиваат субвенции од Општината на нивната GreenPay платежна картичка. На веб страницата на ПОЦ има и бројчаник кој ја покажува бројката на досега рециклирана амбалажа. Во пишана изјава за МИА, од ЈП ПОЦ истакнуваат дека проектот „И отпадот има вредност!“ е одлично прифатен од страна на жителите на општината, а најголем доказ за тоа е постојаното преполнување на повратните вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки. -Многу ни е драго што жителите на општината уште еднаш преку сопствен пример покажаа дека се грижат за животната средина во која живеат и дека сакаат Центар да стане модерна општина по пример на светските трендови. Во иднина, размислуваме да имплементираме и нови системи за селекција, собирање и рециклирање други видови на отпад, како стакло, хартија, метал и сл., сѐ со цел да им овозможиме на граѓаните соодветно да го третираат целиот отпад, со што ќе придонесат значително да се подобри квалитетот на живот и заштита на животната средина, наведуваат од Јавното претпријатие. Според нивната статистика, до денес, во рамки на проектот „И отпадот има вредност!“, рециклирани се повеќе од 507.000 ПЕТ пластични шишиња и лименки преку нивните повратни вендинг машини кои веќе една година и девет месеци собираат амбалажа која оди на понатамошен третман. Досега имаат издадено повеќе од 3500 Green Pay картички со кои жителите имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да купуваат со попуст како и кешбек во повеќе од 100 локали на територија на Општина Центар кои се дел од нивната зелена мрежа (маркети, ресторани, кафеани, кафулиња, бутици, книжарници, рибарници, мобилари и сл). Општина Центар за овој проект, нагласуваат, субвенционираше средства со вкупен износ од 12 милиони денари за сите жители на општината кои се вклучуваат во процесот на рециклирање со цел дополнително да ги мотивира преку сопствен пример да влијаат во подигнување на свеста за зачувување на животната средина. При тоа за секое рециклирано пластично шише или лименка од 0,25 до 0,75 литри жителите добиваат 0,5 денари, за шише од 1 до 1,75 литри добиваат 1 денар, а за шише од 2 до 2,25 литри, 1,5 денари. Досега исплатени се повеќе од 507.000 денари на сите граѓани кои се вклучиле во процесот на рециклирање. За натамошното постапување со прибраниот отпад од пластика и лименки од повратните вендинг машини поставени на територија на Општина Центар е задолжена компанија за управување со отпад. Според Државниот завод за статистика, во земјава во 2021 година количината на создаден комунален отпад изнесува вкупно 896.066 тони или 487,86 кг по глава на жител. Виолета Геров Фото: Дарко Попов

Остани поврзан