Сирискиот претседател повика на притисок врз Израел да ги повлече своите сили од Сирија
- Сирискиот претседател Ахмад ал Шара денеска ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел „веднаш“ да ги повлече своите сили од јужна Сирија, осудувајќи ја „директната закана“ за регионот.

Дамаск, 5 март 2025 (МИА) - Сирискиот претседател Ахмад ал Шара денеска ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел „веднаш“ да ги повлече своите сили од јужна Сирија, осудувајќи ја „директната закана“ за регионот.
По соборувањето на претседателот Башар ал Асад во декември, Израел испрати сили во демилитаризираната тампон зона на Голанската висорамнина во југозападна Сирија, дел од висорамнината што Израел ја окупираше од војната во 1967 година и ја анектираше во 1981 година. Анексијата не е призната од ОН.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повика на „целосна демилитаризација на јужна Сирија“ на 23 февруари и рече дека неговата земја нема да толерира распоредување на силите на новата сириска влада јужно од Дамаск.
-Ја повикуваме меѓународната заедница да ги исполни своите обврски со поддршка на правата на Сирија и притискање на Израел веднаш да се повлече од јужна Сирија, рече Шара на самитот на Арапската лига во Каиро.
Ова не е само „кршење на сирискиот суверенитет“, туку и „директна закана за безбедноста и мирот во целиот регион“, додаде сирискиот претседател.
Покрај копнените упади, Израел во последните денови ги засили воздушните напади врз воените локации на југот.
Шара зборуваше и за иднината на Појасот Газа во Каиро, што е негово прво учество на таков состанок откако дојде на власт кон крајот на минатата година. мс/
фото: ЕПА