• понеделник, 23 декември 2024

Симсон: ЕУ го префрла фокусот од енергертската криза на транзицијата кон чиста енергија

Симсон: ЕУ го префрла фокусот од енергертската криза на транзицијата кон чиста енергија

Брисел, 13 јули 2023 (МИА) - Лани во јули разговаравме за тоа како да ја намалиме потрошувачката на гас во Европа за 15 проценти за да избегнеме драматична криза, а денес, една година подоцна, дискутираме за иднината на нашиот енергетски систем, изјави еврокомесарката за енергија Кадри Симсон, по завршувањето на неформалниот состанок на министрите на членките на ЕУ задоолжени за енергија и за животна средина.

- Европа го префрла фокусот од одговорот на кризата кон својата агенда за нето нула емисии (на штетни гасови). Оваа промена на фокусот сама по себе е одлична вест, додаде Симсон.

Таа нагласи дека на состанокот, што претходните два дена се одржа во шпанскиот град Ваљадолид, станало збор за зајакнување на внатрешен енергетски пазар на ЕУ, преку поголема флексибилност и спроведување на транзицијата кон чиста енергија, со оставрување на целта уделот на обновливите извори на енергија да достигне ниво од 69 проценти до 2030 година и до 80 отсто до 2050 година.

- Лани имавме рекордно зголемување на капацитетите на обновлива енергија, а очекуваме нивно дополнително зголемување оваа година. Емисиите на јаглерод минатата година беа намалени за 2,5 проценти, истакна еврокмесарката.

Земјите на Европската унија имаат доволно складиран гас за да ја издржат зимата, но порастот на цените ја покажува потребата брзо да се префрлат на обновливи извори и да се реформира пазарот

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Симсон додаде дека спроведувањето на зелената транзиција останува приоритет на Европската комисија, но притоа мора да се води сметка и за обезбедување на конкурентноста на компаниите од ЕУ.

- Другата страна на енергетската транзиција е прашањето од каде ќе доаѓаат потребните суровини и каде ќе се произведуваат чистите технологии. Постои загриженост за иднината на европската индустрија за чиста технологија, во контекст на глобалната трка за привлекување инвестиции и даночни олеснувања. Комисијата ги става овие прашања како приоритет на нашата стратегија за да се овозможи конкурентност и зелена транзиција, рече Симсон.

За таа цел, како што нагласи, Европската комисија пред две недели предложи Платформата за стратешка технологија за Европа, која има за цел да помогне за привлекување до 160 милијарди евра инвестиции во критичните технологии и да се овозможи раст и развој на компаниите на тлото на Европа.

- Разговаравме за важноста од унапредување на овие политики и за бариерите што се уште треба да ги надминеме. Имаме согласност околу потребата Европа да одговори на предизвикот и да направи повеќе за да ја зајакне својата конкурентност во секторот на чиста технологија, рече Симсон, додавајќи дека при тоа мора да се води сметка и да не се западне во протекционизам.

На состанокот сранало збор и за Конференцијата на ОН за климатски промени, што треба да се одржи во Дубаи од 30 ноември до 12 декември оваа година, при што е оценето дека тој собир еден од последните можности за преземање решителна и колективна акција за ублажување на последиците од климатските промени.

- Од таа перспектива, предложив ЕУ да ги поддржи глобалните цели за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Она што го предлагаме е доброволно и необврзувачко ветување за тројно зголемување на глобалната стапка на користење на обновливи извори на енергија до 2030 година, како и удвојување на глобалната стапка за подобрувања на енергетската ефикасност во текот на оваа деценија во споредба со претходната, рече Симсон.

Таа додаде дека овие глобални цели се целосно во согласност со заложбите на ЕУ за декарбонизација на енергетскиот сектор до 2030 година. 

- Сакаме глобалните цели да создадат нов моментум и да го охрабрат светот да одговари со исто ниво на амбици, какви што покажаа ЕУ и нашите земји членки, додаде Симсон. сп/са/

Фото: МИА Архива/Твитер

Остани поврзан