• петок, 05 декември 2025

Полско-белоруската граница останува забранета зона до март 2026 година

Полско-белоруската граница останува забранета зона до март 2026 година

Варшава, 4 декември 2025 (МИА) – Полска поради „континуирана опасност од миграциски притисок од Белорусија“ денеска ја продолжи до март следната година забранетата зона долж 400-километарската источна граница со Белорусија.

Полска и Европска Унија го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко за намерно насочување на мигранти од кризните региони кон границата со цел да извршат притисок врз Полска и ЕУ.

Полска ја зајакна границата кон Белорусија во летото 2022 година со ограда од 5,5 метри и електронски сензори, но тоа не успеа да ги спречи мигрантите да се обидуваат да ја преминат надворешната граница на ЕУ.

Според полското Министерство за внатрешни работи регистрирани се повеќе од 4.600 обиди за илегално преминување на границата.

Забранетата зона е воспоставена во јуни 2024 година за да се ограничи нерегуларната миграција и да се подобрат условите за граничната полиција, полицијата и војниците. Забранетата зона е со длабочина од 200 метри, но на неколку места се протега до четири километри. Влезот е дозволен само за жителите и униформираните лица. На претставниците на хуманитарните организации и медиумите им е потребна дозвола. ми/ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан