• среда, 15 мај 2024

Се бараат алтернативни решенија за изборот за Претседавач на ОБСЕ за 2024 година, вели Османи

Се бараат алтернативни решенија за изборот за Претседавач на ОБСЕ за 2024 година, вели Османи

Скопје, 12 октовмри 2023 (МИА) - Во игра се повеќе сценарија за тоа кој ќе биде следниот претседавач со ОБСЕ за наредната 2024 година, по завршувањето на мандатот на Северна Македонија, а едно од нив е нашиот мандат да биде продолжат за уште една година, вели шефот на дипломатијата и претседавач на Организацијата Бујар Османи.

Тој на денешниот брифинг во МНР на прашање од новинарите појаснува дека само Естонија има формално поднесена кандидатура во 2020 година во текот на албаннското претседавање за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, а кое досега три пати е блокирано од Руската Федерација бидејќи одлуките во ОБСЕ се носат со консензус од сите 57 држави членки.

-Јас на 26 септември свикав вонреден состанок на ОБСЕ на кој присуствуваа над 40 министри за да ги покренам овие прашања и таму уште еднаш Руската Федерација кажа јасно и гласно дека нема да ја поддржи Естонија. И затоа формиравме група пријатели на Претседавачот кои паралелно со мене и тие прават консултации со други држави кои што можат да бидат алтернативни решенија. Сте забележале дека патувам последниот период кон Централна Азија, меѓутоа и во други држави. Се бара алтернативен претседавач за 2024 година бидејќи за 2025 година е веќе одобрена Финска, вели шефот на дипломатијата.

Според Османи, ОБСЕ тешко може да функционира без претседавач и второто алтернативно сценарио на кое се работи е да се најде држава за која би се постигнал консензус од сите членки на Организацијата, на што интензивно се работи.

-Доколку и алтернативна држава не би успеала, тогаш, едно од сценаријата е Северна Македонија да продолжи уште една година за да организацијата не остане без претседавач, меѓутоа и за тоа ќе треба консензус од 57-те членки, вели Османи.

Во однос на ситуацијата меѓу Ерменија и Азербејџан и 120.000 Ерменци во Нагорно Карабах кои се изолирани на територија која е под контрола на Азербејџан, Османи вели дека во текот на годината ОБСЕ се ангажира да се обезбеди коридоротот за испраќање хуманитарна помош. Тој ги отфрла обвинувањата од Азербејџан дека бил пристрасен кон Ерменците.

-Мора да им се помогне на овие десетици илјади Ерменци кои што бегаат во Ерменија. Азербејџан веднаш пушти реакција на тоа, така што ако се водам јас по реакциите не треба да преземам никакви мерки. Тоа што сум убеден дека е правилно тоа го правам и на сметка на реакции кои што може да ги имаат одредени земји учеснички, иако ги имаме информирано навремени сите страни, вели Османи кој наведува дека во неколку наврати разговарал со министрите на двете земји за деескалација на ситуацијата.

Тој на претседателот на Азербејџан, вели, како можно решение му го понудил моделот на интеграција според Охридскиот договор, а на грузискиот претседател моделот на регионална соработка РИКО преземен од француско-германското искуство за соработјка меѓу младите од Грузија, Ерменија и Азербејџан. Наведува дека се уште е отворена понудата за оваа негова иницијатива до трите земји, откако првично договорениот термин за посета на земјава во август, годинава не се реализирал поради нивната посета на Вашингтон. вг/нд/

Остани поврзан