• недела, 05 мај 2024

Сеопфатен пристап и соработка во спречување на родово базирано и семејно насилство

Сеопфатен пристап и соработка во спречување на родово базирано и семејно насилство

Скопје, 5 декември 2023 (МИА)  - Потребен е сеопфатен пристап за спречување, заштита и обезбедување ефективно гонење на сите случаи на насилство врз жени и семејно насилство, а исклучително важно е  соработката на државните институции и граѓанското општество, беше истакнато на тркалезната маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ што денеска ја организираше Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство. 

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, истакна дека во целиот систем на заштита е особено значајно зајакнувањето на улогата на невладиниот сектор и дека има „силна потреба од соодветно финансирање“ за да се може да се одржат службите за поддршка кои им нудат заштита на жртвите што доживеале родово базирано или семејно насилство.

-Промовираме нулта толеранција за сите овие појави. Но, за жал, се уште сме сведоци на поголеми и позасилени антиродови движења. Затоа има потреба да се обединиме и да се бориме против оваа закана... Како Мисија во Скопје ние работиме со невладините организации, со министерствата и во тесна соработка сме со останатите државни институции. Успехот на оваа иницијатива е во сеопфатна и координирана поддршка за жените и преживеаните од родово базираното насилство и соработка меѓу институциите, рече Вал.

Го поздрави изгласувањето измени на Кривичниот законик во февруари годинава во Собранието, со кои се криминализираат различните форми на родово базирано насилство, вклучувајќи и психолошко и сексуално, демнење, следење и различни форми на злоупотреба, и нагласи дека тоа претставува значаен напредок во борбата против насилството врз жените во Северна Македонија. 

-Не е важно само да се промени законот, туку и да се  применат, и  овие одредби внимателно и ригорозно да се спроведуваат... Нашата улога како Мисија е да ја подобриме соработката и координацијата меѓу граѓанското општество и институциите, целта е да работиме на меѓуинституционален пристап за да утврдиме сеопфатни механизми за заштита на сите од сите форми на насилство, како што е споменато во членот 9 од Истанбулската конвенција, рече амбасадорот ан ОБСЕ во земјава. 

Според сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска, треба да се  идентификуваат опипливи решенија што може да се спроведат за зајакнување на оваа заедничка борба, односно, како што рече, „да бидеме иновативни во соработката која ќе направи трајни промени во борбата против семејното и родово-базираното насилство“.

Семејното насилство не е приватна работа, рече таа, туку општествена грижа која бара „координиран одговор, унисон глас кој ќе го пробие молкот на оние кои страдаат во тишина“. Порача дека е неопходна соработка што ја надминува реториката и води до конкретни, трансформативни резултати.

-И покрај нашите најдобри намери, многубројните кампањи за подигање на свеста, законските обврски, донесените закони од оваа област, бројките укажуваат на разочарувачкиот факт дека ситуацијата не само што не се подобрува, туку и се влошува. Од 2019 година до денес, сведоци сме на над 20 случаи на фемицид - убиство на жена само затоа што е жена и претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените. Повеќето од овие жртви страдале од рацете на нивните поранешни или сегашни партнери или сопружници, во рамките на наводната безбедност на нивните домови, рече Ѓоргиевска.

За жал, нагласи таа, ескалацијата на овој феномен станува сѐ позагрижувачка, притоа посочувајќи на убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска за кое рече е „најстрашниот вид на насилство што отвора многу прашања од различна природа“. 

-Трагичното случување со убиството на Вања Ѓорчевска треба да биде алерт дека треба системски и интензивно да работиме на воспоставување на темелните образовни, економски и социјални политики, кои ќе ја подигнат свеста за борба против насилството на сите рамништа. Битката е далеку од добиена. Семејното насилство опстојува, за жал. Ова сознание - дека треба да се направи многу повеќе - нè принудува да ги преиспитаме нашите досегашни напори и стратегии и уште поупорно да се посветиме на суштински и трајни промени во пристапот во борбата против ова зло, истакна сопругата на претседателот на државата и истакна дека денешната тркалезна маса е повик за акција – за превенција,  решителност и заштита.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, осврнувајќи се на легислативата и заложбите на Владата за спречување на насилството ја истакна ратификацијата на Истанбулската конвенција која резултирала со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во 2021 година. Покрај закони, рече таа,  потребно е да се работи со жртвите, но и со насилниците. Укажа и на важноста од економското зајакнување, образованието и менталното здравје во борба против насилството.

Соопшти дека се отворени 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа) во шест плански региони, како и 10  специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и  осум за психосоцијален третман за сторители  на семејно насилство. 

Во изјава за медиумите во врска со пријавување родово базирано и семејно насилство, Тренчевска  одговори дека МТСП располага со бројки за пријави од граѓани што ги добиваат центрите социјална работа. 

-Бројките не се променети низ текот на годните - во изминатите неколку години се евидентираат 1300 - 1500 пријави годишно. Значајно е што психолошкото насилство е во најголем процент од сите пријавени случаи. За жал, во делот на судството, немаме голем број на завршени судски пресуди за насилство врз жените односно родово базирано насилство, рече Тренчевска.

И таа истакна дека е важна улогата на секоја институција, почнувајќи од образованието.

-Децата треба да се учат на препознавање, на толеранција, на разбирање на еднаквоста меѓу момчињата и девојчињата, а судските органи да бидат поажурни во изрекувањето најостри казни за сторителите на насилство, додаде Тренчевска. хс/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан