• недела, 22 декември 2024

Семинар „Портокалов цвет“ - Жените подложни на разни форми на насилство, сторителите да бидат детектирани и санкционирани

Семинар „Портокалов цвет“ - Жените подложни на разни форми на насилство, сторителите да бидат детектирани и санкционирани

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Потребна е подеднаква застапеност на мажите и жените во институциите каде се обезбедува безбедност и сигурност на лица и имот, како и на места каде се носат одлуки за оваа работа. Важно е да се воведе родова перспектива и родов акциски план за институциите кои обезбедуваат сигурност и безбедност, а родовата перспектива да биде услов за добивање на лиценца за работа. Жените треба да работат во средина каде што ќе бидат почитувани и нема да се соочуваат со вознемирување.

Ова беа дел од пораките од денешниот семинар „Портокалов цвет“, организиран од Комората за приватно обезбедување, во рамки на проектот „Портокалова дланка“.

Проектот промовира активизам против насилство врз жените и девојчињата, и ја поддржува глобалната кампања на УН Вомен „Orange the world” - 16 Дена активизам против насилство врз жените и девојчињата, која секоја година започнува на 25 ноември со одбележување на Меѓународниот ден на елиминација на насилство врз жените и девојчињата и трае до 10 декември, кога се одбележува Денот на човековите права.

Овој проект го реализира Комората за приватно обезбедување со поддршка на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Мисијата на ОБСЕ. 

Раководителка на канцеларијата на УН Вомен во Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред во своето обраќање денеска на семинарот посочи дека според статистиките, жените и девојчињата се тие кои се повеќе подложни на различни форми на насилство, како во домот така и на работа, во јавен простор и тоа од физичко насилство, демнење, сексуално вознемирување, сексуално насилство.

Таа потенцира дека дури и еден случај на сексуално насилство ќе ја дискриминира целата организација каде што ќе се случи, и ќе допринесе за продлабочување на убедувањето дека на жените не им е местото во секторот за сигурност и безбедност.

Затоа, како што рече, мора да се вклучат мажите и жените подеднакво во институциите каде се обезбедува безбедност и сигурност на лица и имот, како и на местата каде се носат одлуки за оваа работа. Кога се прави проверка и евалуација на работата на истите, треба да се провери колку е вклучена родовата компонента.

-Потребно е да се направат анализи, да се развијат политики и стратегии кои ќе бидат соодветно буџетирани. Да се развијат капацитети и да се има силна поддршка од сите важни чинители и целото општество. Потребни се обуки на теми за родови прашања, работна етика, ментално и физичко здравје на вработените, овозможување вработување на повеќе жени во овој сектор и нивно задржување на работното место. Не е значајно само да се вработени, туку да останат таму каде што работат, да бидат поддржани и од семејството и од околината. Потребно е да се подигне свеста кај сите. Жените можат, жените се силни и тоа постојано го докажуваат, рече Ивановиќ-Кастаред.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска посочи дека Градот активно учествува во градењето на политики кои ќе придонесат да може да се спречи насилството врз жените и девојчињата.

Таа напомена дека секоја од жените мора да се посвети на тоа сторителите на насилството не само да бидат детектирани, туку и да бидат санкционирани.

-Најлошото нешто за нашето општество е кога оние кои се директни сторители на овие дела, поминуваат неказнето. Тоа иницира да голем број на жени и на девојки, кои се многу паметни, способни, имаат квалитети и квалификации да се истакнат во општеството и да направат нешто повеќе за себе, својата држава и своите семејства, не се охрабруваат токму затоа што знаат дека ќе бидат предмет на напад, и тоа напад за кој што ќе нема санкција. Тоа е нешто на кое мора да се работи, рече Арсовска на денешниот семинар.

Според градоначалничката, нападите не се секогаш физички, тие некогаш се и вербални и се кријат зад механизмите на социјалните медиуми или онаму каде што сторителите сметаат дека се недопирливи за органите на прогонот.

Во голем број од случаите, како што потенцира, психолошкото, односно вербалното насилство знае да има подеднаков ефект и исти последици кај една жена, како и физичкото.

-Што се однесува до родово базираното насилство, Градот Скопје поддржува голем број на проекти кои стимулираат покренување на свесноста, на што е она што треба да го направиме за да можеме да го сведеме на минимум она што ни се случува во општеството. Ве охрабрувам гласно да говорите и да ги користите исти оние програми кои Градот ги има и да се бориме тие да бидат реплицирани во сите општини во државата, додаде Арсовска.

Претседателката на Комора за приватно обезбедување, Верица Милеска Стефановска рече дека Комората со години наназад издвојува значителни капацитети во унапредување на позицијата и улогата на жените во приватната безбедност, пред се преку унапредување на вештините и компетенциите на жените, преку организирање на форуми за размена на знаења и искуства, дискусија на сензитивни теми и општо зајакнување на жените вработени во Секторот приватно обезбедување.

-Во програмата за работа за 2023 година за првпат во работењето си зададовме предизвик од глобално значење. Преку реализација на проект насловен „Портокалова дланка“, застануваме обединети во активизам против насилство врз жените и девојчињата. Семинарот „Портокалов цвет“ претставува рефлексија на два исклучително важни аспекти на глобалната кампања - борбата против насилството врз жените и девојчињата и активизам за препознавање и зајакнување на улогата и позицијата на жената во приватниот безбедносен сектор, рече Милеска Стефановска во своето обраќање на семинарот.бт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан