• недела, 21 април 2024

СВР Велес со апел до мотоциклистите да возат со заштитна кацига и да поседуваат соодветна документација

СВР Велес со апел до мотоциклистите да возат со заштитна кацига и да поседуваат соодветна документација

Велес, 7 јуни 2023 (МИА) - СВР-Велес апелира до мотоциклистите, задолжително да користат заштитна опрема кацига, да поседуваат соодветна возачка дозвола, редовно да ја проверуваат техничката исправност на моторите и навреме да ги регистрираат.

Оттаму ги советуваат возачите да не седнуваат на мотоциклите со необновени полиси за осигурување, посебно доколку станува збор за мопеди до 50 „кубици“. Во спротивно, велат, ќе бидат приморани да им изречат високи парични казни.

Според СВР Велес, како што информира портпаролот Ристе Самарџиев,  со доаѓање на летото и покачените температури, нивни екипи изминатиов период регистрирале поголем број на мотоциклисти по патиштата и улиците во Велешкиот и Тиквешкиот регион.

-Со цел да не се доведува во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, апелираме за овие мерки, потенцира Самарџиев.

Воедно потсетува дека паричната казна за некористење на заштитни шлемови изнесува 50 евра, за управување на мотоцикл без возачка дозвола 250 евра, за истечена регистрација од 100 до 500 евра и за необновена осигурителна полиса 100 евра во денарска противвредност.

-СВР-Велес преку Отсекот за превенција стартуваше со имплементација на превентивно едукативни работилници со помладата категорија на возачи на мотоциклисти во соработка со локалните совети за превенција при Општините Велес и Кавадарци.Воедно  во соработка со РСБСП-Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, реализираше и сообраќајно воспитни активности, а  кои ќе продолжат во текот на целото лето, најави Самарџиев. ад/сст/

фото МИА

 

 

Остани поврзан