• вторник, 24 декември 2024

Ковачки: Во „Платформа 1198“ предвидуваме целосна реконструкција на патот Пехчево – Делчево, нов пат до село Панчарево...

Ковачки: Во „Платформа 1198“ предвидуваме целосна реконструкција на патот Пехчево – Делчево, нов пат до село Панчарево...

Пехчево, 20 април 2024 (МИА) - Вечерва на митинг на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата во Пехчево пред присутните зборуваше Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници во третата Изборна единица. Пред присутните тој ја истакна важноста за изградба на клиничката болница во Штип, посочувајќи дека таа треба да биде регионална клиничка болница, која ќе опслужува граѓаните од источниот дел на Македонија и која ќе овозможи граѓаните да се лекуваат таму, место по здравствени услуги да патуваат до Скопје. 

Ковачки говореше и за земјоделството, при што истакна дека владата на СДСМ и ДУИ од Македонија земјоделска држава, направија земја која увезува земјоделски производи како што се на пример, доматите и краставиците, кои во последно време се увезуваат од Косово.  

Тој се осврна и на исселувањето, не само на младите, туку и на цели семејства, кои од Македонија си заминуваат освен поради економски причини, и поради нефункционирањето на системот. 

Ако порано, додаде Ковачки, македонските граѓани се исселуваа само поради тоа што во Македонија не можеа економски да опстанат, сега имаме ситуации каде што се иселуваат и добро ситуирани граѓани. 

За да му се стави крај на сето ова, Ковачки повика да се излезе масовно на избори, прво на 24 април да се забележи огромна победа, а потоа и на 8 мај големата победа да биде верификувана и Македонија повторно да биде вратена во рацете на граѓаните.  

Ковачки се осврна и на проектите за овој регион кои се вклучени во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ при што наброја повеќе инфраструктурни проекти: 

Предвидуваме целосна реконструкција  на патот од Делчево до Пехчево, целосна реконструкција на влезот на Пехчево од Делчево, изградба на нов пат до село Панчарево, а ќе го завршиме и патот Умлена – Робово – Чифлик, додека за граѓаните на Пехчево ќе изградиме градска капела. Нашата влада планира да делегира два милиони евра во четири годишен мандат само за општина Пехчево“, наброја Ковачки, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ има проект за целосна децентрализација на општините, со цел граѓаните да живеат подобро и подостоинствено. вс/цр

Фото: ВМРО - ДПМНЕ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан