• петок, 21 јуни 2024

Саливан: Израел стои зад предлогот за договор за прекин на огнот

Саливан: Израел стои зад предлогот за договор за прекин на огнот

Ерусалим, 13 јуни 2024 (МИА) - Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан денеска ги отфрли тврдењата дека Израел не е во целост посветен на предлогот за договор за прекин на огнот со Хамас што американскиот претседател Џозеф Бајден го претстави кон крајот на мај во Белата куќа.

„Израел го понуди тој предлог. Веќе некое време е на маса. Израел не противречи, ниту се повлече“, изјави Саливан денеска во Италија, каде Бајден ќе присуствува на годишниот самит на лидерите на Г7.

Саливан додаде дека смета дека нема контрадикторност во ставот на Израел и повтори дека Хамас одговорил со нудење амандмани на предлогот и дека целта е да се утврди како да се премости преостанатиот јаз и да се постигне договор, да се постигне заклучок што е можно поскоро.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера рече дека посредниците се обидуваат да постигнат договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа.

Палестинскиот исламистички Хамас побара бројни измени на предлогот поддржан од САД, од кои некои се изводливи, а некои не.

Хамас вели дека амандманите имаат за цел да гарантираат траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските трупи од Газа.

Предлогот објавен од Бајден ги вклучува тие услови, но Хамас изрази загриженост дали Израел ќе ги исполни. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан