• недела, 22 декември 2024

Партијата на поранешниот чешки премиер Бабиш ги напушти европските либерали 

Партијата на поранешниот чешки премиер Бабиш ги напушти европските либерали 

Брисел, 21 јуни 2024 (МИА) – Популистичката партија Акција на незадоволните граѓани (АНО) на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш денеска соопшти дека решила да ги напушти Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и либералната група во Европскиот парламент, „Да ја обновиме Европа“. 

Според Бабиш, партијата се решила на ваквиот чекор бидејќи „нема да може да ја исполни својата изборна програма во либералното европско политичко семејство“. 

- Ние водиме кампања за борба против илегалната миграција и за промена на Зелениот договор. Врз основа на преговорите, дојдовме до заклучок дека „Да ја обновиме Европа“ и АЛДЕ едноставно имаат различни позиции од АНО, изјави денеска Бабиш на прес-конференција во Прага. 

Запрашан кон која групација ќе се приклучи АНО сега, Бабиш рече дека пристапување кон десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) не е решение прифатливо за партијата. 

- Претставници на другите чешки политички партии имаат важна улога во групата и ЕЦР секако не е наш избор. Ќе видиме, можеби ќе се создаде нова група, изјави Бабиш. 

Членка на ЕЦР од Чешка е Граѓанската демократска партија (ОДС) на премиерот Петр Фиала. 

На последните Евроизбори, АНО освои 22,3 отсто од гласовите и шест мандати, па со истапувањето од „Да ја обновиме Европа“, либералната група ќе се сведе на 74 европратеници.   

АНО веќе подолг период беше во судир со раководството на АЛДЕ, кое ја обвинуваше чешката партија и пред се нејзиниот лидер дека зазема „евроскептични и конзервативни ставови“. Поради ваквите критики АЛДЕ лани во јуни дури испрати делегација во Прага на разговори со АНО за „либерализмот на партијата“. 

Во коментар на одлуката на АНО, претседателката на „Да ја обновиме Европа“, Валери Ајер од партијата Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека станува збор за „развод кој долго време бил одложуван“. 

- АНО избра популистички пат, кој е неспоив со нашите вредности и идентитет. Во текот на минатиот месец нивното отстапување од нашите вредности експоненцијално се зголеми и на тоа гледавме со голема загриженост, изјави Ајдер, додавајќи дека чешката партијата „го свртела грбот“ на цврстите проевропски убедувања и вредности на либералната група. 

Друг претставник на „Да ја обновиме Европа“ изјави дека заминувањето на АНО можеби „е лошо во бројки“, но претставува олеснување за групата и е добро за нејзините либерални вредности. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан