• среда, 20 ноември 2024

САД: Пожари во гласачките кутии во Орегон и Вашингтон предизвикаа уништување на гласачки ливчиња

САД: Пожари во гласачките кутии во Орегон и Вашингтон предизвикаа уништување на гласачки ливчиња

Вашингтон, 29 октомври 2024 (МИА) - Во американските сојузни држави Орегон и Вашингтон избувнаа пожари во гласачките кутии за време на раното гласање на претседателските избори.

Полицијата од Портланд соопшти дека идентификувале „сомнително возило“ поврзано со пожарите.

Во пожарот во Портланд, оштетени се три гласачки ливчиња, а во Ванкувер, Вашингтон, уништени се стотици ливчиња. Направите што предизвикале пожар биле прицврстени на надворешноста на кутиите.

Властите на прес-конференција во Портланд соопштија дека е пронајден доволно материјал од запаливите направи за да се покаже дека двата пожари што беа подметнати се поврзани и дека се поврзани и со инцидентот на 8 октомври, кога беше поставена запалива направа на друго избирачко место во Ванкувер.

Гласачките кутии во Вашингтон и Орегон имаат системи за гаснење пожар дизајнирани да се активираат кога температурата во нив ќе достигне одредена точка, премачкувајќи ги гласачките ливчиња со прашок за гаснење пожар.
Се чини дека системот функционирал на гласачката кутија во Портланд, а безбедносниот персонал беше во близина за да помогне во гаснењето на пожарот.

Но, од непознати причини, системот не успеа да спречи уништување на стотици гласачки ливчиња во Ванкувер.

„Југозападниот Вашингтон не може да ризикува да изгуби ниту еден глас поради подметнување пожар и политичко насилство“, се вели во соопштението на демократската претставничка Мари Глузенкамп Перез.

Државниот секретар на Вашингтон Стив Хобс рече дека државата нема да толерира закани или акти на насилство кои имаат за цел да го попречат гласањето.

Гласачите се охрабруваат да го проверат статусот на нивното гласачко ливче на www.votewa.gov.

Ако гласачкото ливче не е означено како „примено“, гласачите можат да испечатат заменскоо гласачко ливче или да го посетат нивниот локален оддел за избори заради замена на ливчето, рече кабинетот на државниот секретар.

Вашингтон и Орегон се држави со гласање по пошта.

Регистрираните гласачи ги добиваат своите гласачки ливчиња по пошта неколку недели пред изборите, а потоа ги испраќаат назад или ги ставаат во гласачките кутии.

Во Феникс, Аризона минатата недела, официјални лица изјавија дека приближно пет гласачки ливчиња биле уништени, а голем број биле оштетени кога бил запален пожар во кутија во тамошната пошта. ссм/

фото: Полиција на Портланд

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан