Договорена временска рамка за формирање нова белгиска Влада до крајот на јануари 2025
- Согласно договорената рамка, преговорите меѓу петте потенцијални коалициски партнери треба да продолжат в четврток и да се водат интензивно до 7 јануари, кога мандатарот и лидер на Н-ВА, Барт Де Вевер треба да поднесе извештај пред белгискиот крал Филип за резултатите од разговорите за формирање на Владата.
Брисел, 30 декември 2024 (МИА) – Лидерите на петте партии вклучени во преговорите за формирање на нова Влада на Белгија на средба одржана синоќа договорија конкретна временска рамка за постигнување договор за програмата и составот на идниот владин Кабинет до крајот на јануари 2025 година.
Согласно договорената рамка, според весникот „Либер“, преговорите меѓу петте потенцијални коалициски партнери - десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), валонското либерално Реформско движење (МР), валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), треба да продолжат в четврток и да се водат интензивно до 7 јануари, кога мандатарот и лидер на Н-ВА, Барт Де Вевер треба да поднесе извештај пред белгискиот крал Филип за резултатите од разговорите за формирање на Владата.
Со самиот договор за временската рамка, како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е Де Вивер следниот вторник да го информира кралот дека е „постигнатиот напредок“ и дека нова федерална Влада ќе биде формирана „до крајот на јануари“. Со ова би бил најден излез од политичкиот ќорсокак во кој западна Белгија по изборите одржани на 9 јуни, од кога партиите не можат да се договорат околу формирањето нова Влада.
„Либер“ посочува дека оптимизмот за можен договор се должи на фактот што е постигнат напредок во усогласувањето на детали од социо-економската програма што ја предложи Де Вивер, а која беше тема на одвоени средби на преговарачките тимови на петте партии во текот на викендов.
Според медиумските извештаи, на овие преговори останатите партии доставиле „околу 500 амандмани“ на програмата на Де Вивер. „Најревносна“ во тој поглед била партијата Ворујт, која, според „Либер“, поднела „околу 250 амандмани“, додека според „Стандард“ станува збор за „околу 280“.
Белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ посочува дека бројот на поднесени амандмани покажува дека меѓу петте партии од т.н. „Аризона“ коалиција и натаму постојат големи разлики во однос на владината програма. Спорни прашања се усогласувањето на државниот буџет за 2025 година и реформите на пазарот на трудот, пензиската политика и даночниот систем.
Партиски извори посочуваат дека главните забелешки на партиите се однесуваат на начинот на обезбедување на 18 милијарди евра за период од пет години, со што буџетскиот дефицит би се свел на три проценти, согласно барањата на ЕУ.
Меѓу останатото Ворујт инсистира на промена на даночната политика, посочувајќи дека „богатите не плаќаат доволно даноци, на сметка на обичните белгиски граѓани“, како и на начинот на оданочување на компаниите, кој сега им овозможува на фирмите прераспределба на остварената добивка за да обезбедат оданочување по поволна даночна стапка.
Но, покрај програмските несогласување, како што посочува „Либер“, и натаму остануваат лошите лични односи меѓу некои од партиските лидери, пред се меѓу првите луѓе на Ворујт, Конер Русо и на МР, Жорж-Луј Буше.
Според весникот, Русо и Буше не покажуваат голема спремност да отстапат од визијата со која настапија на изборите. Така МР го обвини Русо дека „не се осмелува или не сака да постигне договор“ за нова Влада, додека Ворујт тврдат дека токму Буше го оневозможува постигнувањето договор со тоа што „вика и вреска на состаноците“.
Покрај со Ворујт, МР има значителни несогласувања и со ЦДВ. Пред десетина дена Буше жестоко го нападна актуелниот министер за финансии Винсент Ван Петегем, кој е еден од истакнатите членови на ЦДВ, поради реформата на законодавството за авторски права. Според медиумските извештаи, Буше наводно се заканил дека „лично ќе се погрижи“ Ван Петегем да не биде повторно министер.
Буше потоа ретерираше, па во интервју за телевизијата Бел РТЛ изјави дека не станува збор за негов личен напад врз Ван Петегем, туку дека само „немаат иста визија за оданочувањето“. Запрашан дали Ван Петегем би можел да остане министер за финансии и во идната Влада, Буше одговори дека за да се случи такво нешто тој ќе мора да ја „прилагоди својата позиција“ за даночната политика.
Буше во интервјуто уште изрази и надеж дека договорот за формирање на нова Влада ќе биде постигнат до 9 јануари, кога пратениците во белгискиот Парламент се враќаат на работа по божиќните и новогодишните празници.
Сепак, тој пред синоќешната лидерска средба во објава на Икс посочи дека „договор е можен до 7 јануари“, но за да се случи тоа „мора да престанат игрите“.
На изборите на 9 јуни, Н-ВА освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.
Неколку недели по изборите, белгискиот крал Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на ЛЕ, Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет. На 1 септември Прево изјави дека неговата мисија била успешна и дека петте партии потенцијални коалициски партнери ја потврдиле „својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија“. Веќе следниот ден кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но тој потоа беше продолжуван во неколку наврати. Последниот „краен рок“ што кралот му го даде на Де Вевер е 7 јануари.
Инаку, името „Аризона“ на потенцијалната идна владина коалиција потекнува од боите на петте партии – жолта (НВ-А), сина (МР и ЛЕ), црвена (Ворујт) и портокалова (ЦДВ), кои се и на знамето на американската сојузна држава Аризона. Актуелната владина коалиција во Белгија се нарекува „Вивалди“, како алузија на делото на композиторот Антонио Вивалди, „Четири годишни времиња“, бидејќи Владата ја сочинуваат либерали, социјалдемократи, демохристијани и екологисти. Таа беше формирана во октомври 2020 година, 494 дена по изборите одржани на 26 мај 2019 година. сп/
Фото: МИА Архива