• сабота, 21 декември 2024

САД: Пензиониран полковник оддавал државни тајни преку страница за запознавање

САД: Пензиониран полковник оддавал државни тајни преку страница за запознавање

Вашингтон, 5 март 2024 (МИА) - Пензиониран полковник на американската армија во Небраска е обвинет за испраќање доверливи информации преку страница за запознавање и денеска ќе се појави пред суд, јавува Би-Би-Си.

Дејвид Френклин Слејтер (63), уапсен во саботата, до 2022 година бил вработен во Стратешката команда - Стратком, која го надгледува американскиот нуклеарен ракетен арсенал.

Тој е обвинет дека незаконски испраќал документи кои „може да се искористат за да им нанесат штета на САД“.

Слејтер е обвинет за заговор и две точки за неовластено откривање информации за националната одбрана и се соочува со затворска казна до 10 години.

Во обвинението се вели дека Слејтер пренел информации што ги дознал од доверливите брифинзи на Стратком, кои се поврзани со руската воена операција во Украина.  Тој ги испраќал информациите до лице за кое верувал дека е жена во Украина.

За време на преписката, тој често добивал прашања за тајните на американската национална одбрана, велат обвинителите.

Би-Би-Си пренесува дека една од пораките, со датум од 11 март, гласела: „Драги, што се прикажува на екраните во одвоената соба?? Многу интересно“.

На 23 март на Слејтер му било поставено прашање за некоја земја, но тој дел во обвинението е затемнет, па не е јасно за која земја се однесувало прашањето.

Ти си мојот таен агент. Со љубов", му рекол контактот откако одговорил.

„Драг мој Дејв, благодарам за вредните информации“ и „ти си мојот таен доушник, љубов“, гласат другите пораки.

Во документите не пишува со кого контактирал Слејтер, ниту пак името на страницата за запознавање. ссм/

Остани поврзан