• сабота, 22 март 2025

САД го обвинуваат Хамас во ОН за жртвите во Газа откако Израел продолжи со воените дејствија

САД го обвинуваат Хамас во ОН за жртвите во Газа откако Израел продолжи со воените дејствија

Њујорк, 21 март 2025 (МИА) - САД денеска пред Советот за безбедност на Обединетите нации рекоа дека палестинската милитантна група Хамас е одговорна за убиствата во Појасот Газа, откако Израел продолжи со воената акција во енклавата.

-Хамас сноси целосна одговорност за тековната војна и продолжувањето на борбите. Секое убиство можеше да се избегне доколку Хамас ја прифатеше понудата што САД ја дадоа минатата среда, изјави пред Советот вршителот на должноста амбасадор на САД во Обединетите нации, Дороти Шеј.

Пред три дена, Израел практично престана да го спроведува договорот за прекин на огнот во Газа и ги продолжи воздушните напади и копнената операција, велејќи дека сака да изврши притисок врз милитантите на Хамас да ги ослободат преостанатите заложници.

Хамас денеска соопшти дека го проучува американскиот предлог за враќање на примирјето.

Од повеќе од 250 заложници првично заробени за време на нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа, 59 моментално се уште се во енклавата. Се верува дека 24 од нив се живи.

Израелскиот амбасадор Дени Данон изјави пред Советот за безбедност дека во последните денови Израел елиминираше неколку врвни терористи од Хамас и палестинската група Исламски џихад.

Само во вторникот во израелските воздушни напади загинаа повеќе од 400 Палестинци.

-Хамас има избор. Тие можат да се вратат на масата и да преговараат, или можат да стојат настрана и да гледаат како нивното раководство паѓа, еден по еден. Нема да застанеме додека нашите луѓе не се вратат дома, сите, рече Данон.

Францускиот амбасадор Жером Бонефон го повика Израел „безусловно да го врати хуманитарниот пристап до Газа, да го запре бомбардирањето и да се придржува до логиката на преговорите, колку и да се бавни“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан