• сабота, 10 август 2024

САД воведоа нови санкции кон Белорусија поради нејзината поддршка за Русија

САД воведоа нови санкции кон Белорусија поради нејзината поддршка за Русија

Вашингтон, 9 август 2024 (МИА) - Соединетите Американски Држави воведоа санкции за поединци и субјекти во Белорусија кои ја поддржуваа руската војна против Украина со производство на воени ресурси и испраќање стоки, објавија британските медиуми, повикувајќи се на американското Министерство за финансии.

Санкциите, наметнати на 19 физички и 14 правни лица, како и на еден авион, се насочени и кон луѓе кои им помогнале на белоруските одбранбени компании да ги заобиколат санкциите, како и оние кои им помагале на луѓето од потесниот круг на претседателот Александар Лукашенко да генерираат приходи, се вели во соопштението.

Акцијата беше преземена според претседателскиот декрет потпишан од Џо Бајден во 2021 година, со цел да се изврши притисок врз Лукашенко поради наводите дека ја репресирал опозицијата за време на неговото 30-годишно владеење. Лукашенко тоа го негира.

Еден од правните субјекти погодени од санкциите е „Пеленг“ – водечка белоруска компанија која произведува компоненти за вселенски бродови, сателити и воени возила, соопшти американското министерство, според кое компанијата е важен индустриски партнер за Русија.

Денешните мерки се преземени заедно со Канада и Велика Британија, соопштија и од Министерството.

Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли најави дека Отава ќе воведе санкции за 10 поединци и шест ентитети „како одговор на нивната вмешаност во тековните и систематски прекршувања на човековите права во Белорусија“.

Велика Британија соопшти дека координираната акција ја одбележала четвртата годишнина од „длабоко промашените“ претседателски избори во Белорусија во 2020 година. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан