Руте и Фон дер Лајен: Руската војна е најголемата закана за мирот и безбедноста во Европа
- Руската агресивна војна е најголемата закана за мирот и безбедноста во Европа, а помошта на севернокорејските сили за Русија претставува голема ескалација на војната против Украина, заклучија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Брисел, 29 октомври 2024 (МИА) - Руската агресивна војна е најголемата закана за мирот и безбедноста во Европа, а помошта на севернокорејските сили за Русија претставува голема ескалација на војната против Украина, заклучија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Агресивната војна на Русија на европско тло е единствената најголема закана за мирот и безбедноста на европскиот континент“, се вели во заедничката изјава по првата средба во Брисел меѓу Фон дер Лајен и Руте, кој неодамна ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО.
И двајцата се согласуваат дека „распоредувањето на севернокорејските трупи за поддршка на руската агресивна војна претставува значајна ескалација на војната против Украина, како и сериозна закана за европската безбедност и глобалниот мир“.
На нивната прва средба беше договорено формирање на работна група на високо ниво за зајакнување на постојната соработка меѓу ЕУ и НАТО.
Руте и фон дер Лајен, исто така, разговараа за зголемената самоувереност на авторитарните држави на светската сцена.
„Овие земји ги доведуваат во прашање нашите заеднички интереси, вредности и демократски принципи, користејќи повеќе средства - политички, економски, технолошки и воени“, истакнуваат Руте и Фон дер Лајен. рп/
Фото: ЕПА