Русија: Го задржуваме правото да ги обновиме нападите врз украинската енергетска инфраструктура
- Русија го задржува правото да го отповика ангажманот во договорениот мораториум за напади врз енергетските објекти на Украина, доколку Киев продолжи со слични напади, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Москва, 28 март 2025 (МИА) - Русија го задржува правото да го отповика ангажманот во договорениот мораториум за напади врз енергетските објекти на Украина, доколку Киев продолжи со слични напади, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Вашингтон во вторникот објави дека постигнал одделни договори со Украина и Русија за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, надевајќи се дека ова ќе биде почеток за пошироко примирје и мировни преговори.
Сепак, Русија и Украина веќе се обвинија меѓусебно за напад врз гасна мерна станица во руската Курска област, која е клучна за извозот на руски гас кон Европа.
- Русија го задржува правото да не го почитува договорот доколку украинскиот режим продолжи да го прекршува, изјави Песков пред новинарите. - Нема смисла ние да се придржуваме до него, а секоја ноќ да се соочуваме со напади врз нашите енергетски објекти, додаде тој.
Сепак, според него, Русија засега ќе остане посветена на договорот.
Кремљ ја обвини Украина дека не го почитува мораториумот, а според Песков, тоа покажува дека украинската армија е вон контрола и не ги слуша наредбите на државното раководство.
Песков додаде дека вооружените националистички сили во Украина добиваат на сила, поради што рускиот претседател Владимир Путин ја спомнал можноста за привремена влада во Киев под меѓународен надзор – идеја што Украина ја нарече „апсурдна и неприфатлива“.
- Путин не го дискутирал ова со американскиот претседател Доналд Трамп, нагласи Песков. ссм/
фото: архива